Abdula Berisha
16 Март 2020•Ажурирај: 16 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија информира дека првата пациентка излекувана од коронавирус (Ковид-19) денеска заминува на домашно лекување, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Како што информираат од Министерството, таа беше тестирана по вторпат, по дијагностицирањето на вирусот според насоките и препораките на Светската здравствена организација.
„Здравствената состојба на пациентите позитивни на Ковид-19 кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е стабилна. Во стабилна состојба е и првата пациентка од Дебар која е на респираторна машина. Петте пациенти кои се лекуваат во дебарската болница се во добра здравствена состојба“, стои во соопштението.
Од Министерството исто така информираат дека во текот на ноќта немало нови лица тестирани на коронавирусот, а во моментов се чекаат брисеви за тестирање на три лица од Дебар.
Потсетуваме, вкупниот број на досега потврдени случаи со коронавирусот во Северна Македонија изнесува 19, во кои спаѓа и излекуваната пациентка.
По појавувањето на вирусот во кинескиот град Вухан минатиот декември, вирусот се прошири на најмалку 150 земји и територии.