Балкан

Северна Македонија и САД потпишаа Меморандум за разбирање за безбедност на 5G технологии

„Имајќи ги предвид предностите на безжична комуникација од 5G генерацијата, овој меморандум за соработка е од витално значење за идниот просперитет на нашата земја од економски аспект, како и за националната безбедност", истакна Заев

Admir Fazlagic  | 23.10.2020 - Обновена : 24.10.2020
Северна Македонија и САД потпишаа Меморандум за разбирање за безбедност на 5G технологии

СКОПЈЕ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина во Владата на Соединетите Американски Држави Кеит Крач, потпишаа Меморандум за разбирање за безбедност на 5G технологии, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, по потпишувањето на меморандумот, премерот Заев и Потсекретарот Крач, се осврнаа на важноста од потпишувањето на овој мемораднум, особено што Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ и со оние на Соединетите Американски држави.

Премиерот Заев истакна дека со меморандумот, Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, ја потврдуваат својата желба да ја зајакнат соработката поврзана со спроведувањето на 5G технологијата која е во согласност со Национален оперативен бродбенд план на Северна Македонија, што го усвоиле минатата година како стратешки документ за новата ера на дигитализација на земјата.

„Имајќи ги предвид предностите на безжична комуникација од 5G генерацијата, овој меморандум за соработка е од витално значење за идниот просперитет на нашата земја од економски аспект, како и за националната безбедност. 5G ќе овозможи огромна низа нови апликации, вклучително и обезбедување клучни услуги за јавноста, што ќе им користат на нашите граѓани и на нашата економија. Зголемените количини на податоци дополнително ќе ги поврзат економиите во светот, вклучително и Северна Македонија и САД и ќе ги олеснат прекуграничните услуги и трговија“, изјави премиерот Заев.

Северна Македонија и САД ја нагласија важноста за поттикнување учество на релевантни и доверливи мрежни добавувачи на хардвер и софтвер на 5G пазарите, земајќи ги предвид проценките за ризик и промовираат рамки кои ефикасно ги штитат 5G мрежите од неовластен пристап на трети страни.

Потсекретарот Крач се осврна на соработката со Северна Македонија, како важен стратешки партнер. Особено сега, кога со овој меморандум Северна Македонија како дел од НАТО Алијансата, се приклучува и на групата од 27 земји членки на НАТО, кои се дел од „Чиста мрежа“ (Clean Network). 

Како што рече тој, овој меморандум ги адресира ризиците и ги зема во предвид безбедните интернет мрежи кои се од витално знаење за националната безбедност, економскиот просперитет и стабилност во регионот.

„Заедно, ние ја контролираме нашата 5G иднина и можеме да обезбедиме безбедна и сигурна иднина за начите граѓани. Овој меморандум пред се е за довербата, и не само како симбол на силната доверба помеѓу двете земји, но и со сите други држави кои со помош на безбедните мрежи се посветени на борбата помеѓу слободата и авторитаризмот“, заклучи потсекретарот Крач.

- Косово и САД потпишаа Меморанрум за разбирање за безбедност на 5G технологии

Косово и Соединетите Американски Држави (САД) потпишаа меморандум за разбирање за создавање на „чисти 5Г мрежи".

Меморандумот беше потпишан во Амбасадата на Република Косово во Скопје, а за косовската страна потпиша премиерот на Косово, Авдулах Хоти, кој престојува во официјална посета на Северна Македонија.

Од американска страна, потписник беше државниот потсекретар на САД за економски раст, енергија и животна средина, Кеит Крач.

Премиерот Хоти во заедничката изјава за медиумите по потпишувањето на меморандумот рече дека ова е голем чекор кон зголемување на безбедноста во оваа област, додавајќи дека преку меморандумот, Косово ги добива своите државни обврски да биде покрај стратешките партнери.

„Веќе презедовме соодветни активности во Приштина по ова прашање, но верувам дека ова е силен знак за одлучноста на претседателот Трамп и американската влада да се придвижат напред со спроведувањето на Вашингтонскиот договор“, рече Хоти.

Од друга страна, американскиот потсекретар Крач рече дека Косово е важен стратешки партнер на САД, додавајќи дека потпишувањето на меморандумот е доказ за пријателство меѓу двете земји.

„Чистата мрежа (Clean Network) е сеопфатен пристап кој се однесува на долгорочната закана за приватноста на податоците, безбедноста, човековите права и кредибилната соработка, загрозена од Комунистичката партија на Кина“, рече Крач.

Претходно, премиерот Хоти беше примен со свечена церемонија од страна на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев. Тој исто така се состана со претседателот на земјата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со претставници на албанските политички партии во Северна Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.