СКОПЈЕ
Со свеченост во кумановската касарна „Боро Менков“ се одбележа отпочнувањето со работа на главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа кој до 2026 година ќе функционира во Република Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како шо соопшти Министерството за одбрана на Северна Македонија, свое обраќање на свеченоста имаше министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Во својот говор таа порача дека „стационирањето на Командата на SEEBRIG во Северна Македонија и полноправното членство во НАТО се две нешта за кои можеме да бидеме задоволни, во година која ќе биде запаметена и по глобалната криза со пандемијата на корона вирусот."
„Ова за нас носи голема одговорност, но и покажува дека ние можеме да го зголемиме нашето влијание и да станеме силен фактор за регионалната стабилност и соработка. Тоа ќе го направиме и преку присуството на главната команда на SEEBRIG во нашата земја, но и преку зголемување на нашето учество во НАТО операции во регионот“, рече министерката Шекеринска и дополни дека е исклучително важно да продолжи инвестирањето во регионалната стабилност.
Шекеринска истакна дека токму во Бригадата на Југоисточна Европа се научени чекорите за мултинационална соработка, јакнење на тимскиот дух и професионализмот во одбраната.
Министерката им се заблагодари на сите припадници на Бригадата за нивниот придонес, како и на сегашниот и сите минати команданти на SEEBRIG.
На досегашниот командант, романскиот бригаден генерал Тудорика Петраче кој денеска ја предаде функцијата на бригадниот генерал Аристедеис Илиопулос, му се заблагодари, како што рече, за видливата енергија, сила и оптимизам со кои ја водел Бригадата минатите години. На генералот Илиопулос му порача дека во неа, во Министерството и во сите институции во земјата има партнер поддржувач.
„Јас сум уверена дека SEEBRIG беше создаден за сите ние да можеме да се разбереме подобро и да не се плашиме едни од други и верувам дека ние ги надминавме тие препреки. SEEBRIG стоеше цврсто низ тешки времиња изминатите 21 година, како мост на разбирање и соработка помеѓу шест земји – Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција и во тоа е неговата големина, тоа ја зголемува неговата улога во регионалната соработка“, заклучи министерката Шекеринска.
Досегашниот командант на Бригадата, генералот Петраче и честиташе на нашата земја за приемот во НАТО и изрази задоволство од подготовката на новата локација за командата на SEEBRIG во Куманово.
Новоназначениот командант на Бригадата, бригадниот генерал Илиопулос порача дека SEEBRIG пред 21 година беше креиран со цел да придонесе кон регионалната стабилност и безбедност, како и со цел да ги унапреди добрососедските односи помеѓу земјите – членки. Тој се заблагодари на Северна Македонија како земја домаќин на Командата за досегашната поддршка и ефикасната адаптација во новата работна средина.
На свеченоста за SEEBRIG присуствуваа и претседателот Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски, началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Васко Ѓурчиновски, и бројни гости од одбраната и дипломатијата.
Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), потпишан во 1998 година во Скопје. Членки на SEEBRIG се Северна Македонија, Турција, Албанија, Бугарија, Грција и Романија.
Домаќини на Командата на Бригадата досега беа Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса.
news_share_descriptionsubscription_contact
