Abdula Berisha
09 Март 2023•Ажурирај: 10 Март 2023
СКОПЈЕ (АА) - Северна Македонија ги доби ветените 80 милиони евра финансиска поддршка од Европската Унија за справување со енергетската криза, јавува Анадолу.
Евроамбасадорот во Скопје, Дејвид Гир, присуствуваше на настанот организиран во Владата на Северна Македонија, на кој освен премиерот Димитар Ковачевски, присуствуваа и други владини претставници и раководители на институции и компании од енергетскиот сектор.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за економија, Крешник Бектеши, и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, во својот домен ги изнесоа деталите за антикризните мерки и ефектите од нив.

На прес-конференција по настанот, премиерот Ковачевски истакна дека владините мерки и европската финансиска поддршка дадоа резултати при што спречија ценовен шок и овозможија стабилно снабдување со електрична енергија.
„Овие средства се веќе достапни и се дел од пакетот за антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра. Оваа поддршка е највисока во регионот, тоа го потврди и Светската банка, а за оваа година во буџетот имаме издвоено 225 милиони евра за поддршка за справување со енергетската криза“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека енергетската криза е претворена во можност, со тоа што значително се зголеми инвестирањето во обновливи извори на енергија.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во својот говор рече дека ЕУ денес ги исполнува своите ветувања и ги потврдува своите фундаментални вредности.

„ЕУ уште еднаш докажува дека е тука за граѓаните на Северна Македонија. Уште во октомври минатата година, претседателката на Европската комисија (Урсула фон дер Лајен) вети помош од 80 милиони евра за граѓаните кои се борат да се справат со зголемените цени на енергијата, што е последица на руската агресија во Украина. Тоа беше гест на солидарност меѓу ЕУ и идните земји членки, затоа што се грижиме“, рече Гир.
Тој додаде дека ова е практична финансиска поддршка за категориите ранливи граѓани, како и за виталните компании и институции.
Евроамбасадорот Дејвид Гир исто така рече дека овие 80 милиони евра се само дел од пакетот од 1 милијарда евра што ЕУ го подготви за Западен Балкан.
„Голем дел од овие средства“, истакна тој, „се веќе достапни за да се поддржат инвестициите во зелената енергетска транзиција.“