Furkan Abdula
22 Март 2020•Ажурирај: 22 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, соопшти дека во земјава се регистрирани 29 нови случаи на коронавирусот, со што вкупната бројката на дијагностицирани пациенти во земјата се искачи на 114, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во изминатото деноноќие се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова бројката на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска до 12:00 часот изнесува 114“, соопшти министерот Филипче на неговиот официјален профил на социјалните мрежи.
Како што информираше Филипче, според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во: Скопје (65), Дебар (36), Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2), Гостивар (1), Куманово (1).
„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се хоспитализирани 24 пациенти. 7 пациенти се континуирано на третман со кислород, 11 се веќе во стабилна - добра здравствена состојба. Утре, по истекот на 14 дена од поставување дијагноза, кај 6 пациенти ќе се зема контролен брис. Од нив 5 се во добра состојба, а кај пациентката кај која имаше влошување нема промена на состојбата и таа сè уште е на респираторна машина. Пациентите кои се на домашно лекување се во постојан контакт со лекарите“, нагласи Филипче.
Инаку, првиот пациент во земјата, што беше заразен со новиот вид коронавирус (Ковид-19), е излекуван.
Од денеска, со одлука на Владата на Северна Македонија, на целата територија во државата се воведува полициски час од 21 до 06 часот.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување со борбата против ширењето на коронавирусот.