Husamedin Gina
23 Јуни 2022•Ажурирај: 23 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) – Во кампусот на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) се одржа церемонијата на доделување дипломи на 321 дипломиран студент за академската 2021/2022 година на додипломските и постдипломските студии, јавува Агенција Анадолија (AA).
Покрај универзитетскиот персонал, на свеченоста присуствуваа Ахмет Килич, пратеник на АК Партијата од Бурса и претседател на парламентарната Група за пријателство Туркије - Северна Македонија, министерот за образование на Северна Македонија, Јетон Шаќири, министерот за здравство, Беким Сали, амбасадорот на Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, ректорот на Меѓународниот балкански универзитет, Мехмет Дурсун Ердем, и претседателот на Управниот одбор на универзитетот, Реџеп Сулејман Оздил, претставници на турски институции и организации, претставници на централната и локалната власт, како и дипломираните студенти и нивните семејства.
Ахмет Килич, пратеник на АК Партијата од Бурса, во своето излагање на церемонијата, пренесувајќи ги поздравите на претседателот на турскиот Парламент, Мустафа Шентоп, кој поради интензивната агенда не можеше да присуствува на свеченоста, потсети дека Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) е основан во 2006 година под покровителство на претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, за кого Балканскиот регион и Северна Македонија има особено значење.
Истакнувајќи дека е пратеник од Бурса, Килич рече дека Бурса е град каде има голем број на луѓе од целиот Балкан, и дека Бурса го сметаат како свој дом.
„За нас, како граѓани на Бурса, секој агол на Балканот го сметаме како наш дом. Ваква вредна образовна институција која е формирана на Балканот, во Северна Македонија, е резултат на нашиот близок интерес и искрени чувства“, нагласи Килич.
Министерот за образование, Шаќири, истакнувајќи дека ИБУ е еден од ретките во земјата што доделува стипендии на своите студенти, рече дека тоа придонесува за заштитата на семејниот буџет.
„Со изборот да го продолжите своето образование на овој универзитет ја направивте најголемата инвестиција во вашиот живот. Вложувањето во знаење и образование е најсигурната одлука како во личниот, така и во социјалниот живот“, рече Шаќири.
Министерот за здравство Сали подвлече дека него како министер и доктор особено го радува тоа што меѓу програмите на овој универзитет се вбројуваат и Факултетот за дентална медицина и Високата медицинска школа.
„Во ова прилика сакам да истакнам дека како министерство посебно сме фокусирани на стручното доусовршување и надградба на сите здравствени работници“, додаде Сали.
Амбасадорот на Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, наведе дека темелите на ИБУ се поставени имајќи го предвид приоритетното значење на инвестирање во луѓето, и потсети дека претседателот Реџеп Таип Ердоган е поборник во основањето на овој модерен универзитет.
Амбасадорот во излагањето сподели и неколку совети за дипломираните студенти.
„Задолжително треба континуирано да ги надградите знаењата и акумулираните вредности стекнати на универзитетот. Да му посветуваме внимание на дијалогот и општествената солидарност. Да бидеме чувствителни кон прашањата кои ја засегаат заедницата и да ја негуваме општествената солидарност“, рече Секизќок.
Претседателот на Управниот одбор на универзитетот, Реџеп Сулејман Оздил, нагласи дека на овој пат тргнале со цел да бидат еден од најдобрите универзитети на Балканот.
„Меѓународниот балкански универзитет кој е основан со цел да ја зајакне и продлабочи соработката меѓу нашите две земји, со 8-те факултети, една висока школа и над 30 насоки во својот домен и сите други образовни дејности, според шангајските критериуми е прогласен за најдобар универзитет во Северна Македонија“, подвлече Оздил.
Ректорот Мехмет Дурсун Ердем на дипломираните студенти им порача дека покрај тоа што ја кројат својата иднина, истовремено ја кројат и иднината на својата земја.
„Затоа, наместо да бидете студенти кои ќе се фокусираат само на испити и испитни оценки, настојувајте да бидете поединци кои ќе се фокусираат на учење и истражување, и кои ќе се обидат да ја менуваат својата иднина, како и иднината на својата земја“, нагласи ректорот Ердем.
Во рамките на церемонијата на најдобрите дипломирани студенти на факултетите им беа доделени признанија.