економија, Балкан

Светска банка: Економскиот раст на Западен Балкан ќе се забрза во 2024 и 2025 година

„Со цел да се намалат разликите во развојот во однос на Европската Унија и да се подобри животниот стандард, во регионот треба да се продолжи со спроведувањето на реформите.“

11.04.2024 - Обновена : 13.04.2024
Светска банка: Економскиот раст на Западен Балкан ќе се забрза во 2024 и 2025 година

САРАЕВО (АА) - Западен Балкан очекува зголемување на економскиот раст во 2024 година, а дополнително забрзување се предвидува и за 2025 година, така што овој регион повторно ќе ги достигне просечните стапки на раст пред пандемијата, пренесува Анадолу.

„Со цел да се намалат разликите во развојот во однос на Европската Унија и да се подобри животниот стандард, во регионот треба да се продолжи со спроведувањето на реформите. Тоа подразбира зголемување на вложувањата во зелената економија во градовите, што ќе им овозможи поефективен придонес во севкупниот економски развој“, се наведува во новиот, денес објавен, Редовен економски извештај за Западен Балкан.

Годинава се очекува зголемување на економската активност на Западен Балкан на 3,2 отсто, што е за 0,2 процентни поени повеќе од предвидувањето на Светска банка во претходното издание на извештајот, додека во 2025 година се очекува дополнително зголемување на 3,5 отсто. Индивидуалните прогнози за шест економии од Западен Балкан: Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија се опфатени во Економскиот извештај на Светска банка за Европа и Централна Азија, кој исто така беше објавен денес.

„Планот за раст, вреден шест милијарди евра, ќе помогне во зајакнувањето на економските врски со Европската Унија, најголем трговски партнер на Западен Балкан, и да се спроведат реформите насочени кон зајакнување на економската интеграција во рамките на самиот Западен Балкан. Според анализите на Светска банка, подобрувањата, како што е скратувањето на времето потребно за извршување на процедурите на границите и модернизацијата на платните системи во регионот може да донесе значителни економски придобивки за земјите од регионот“, се наведува.

Вложувањето во зелената транзиција и подобрувањето на квалитетот на животот во градовите од Западен Балкан, исто така, може да помогне во зајакнувањето на растот во регионот, се наведува во извештајот на Светска банка.

Извештајот дава препораки за активности во три главни области за зелената економија и зајакнувањето на градовите од Западен Балкан.

„Прво, градовите треба да станат покомпактни, што ќе биде погодно за растот, ќе ги намали трошоците за обезбедување јавни услуги и ќе ги подобри еколошките исходи. Второ, реформите и инвестициите за проширувањето на системот за јавен транспорт и преминувањето кон позелени, енергетски поефикасни градби ќе го намалат загадувањето на воздухот што секоја година предизвикува прерана смрт на илјадници луѓе во регионот. Трето, екстремните горештини во градовите, каде што летните температури се за 4,5-7,5 Целзиусови степени повисоки отколку во околните рурални подрачја, негативно ќе се одразат на продуктивноста и здравјето на луѓето. Градските власти треба да донесат мерки за разладување на физичкиот простор преку подобри урбанистички решенија и целни инвестиции“, се наведува во извештајот.






На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.