Балкан

Република Северна Македонија и Грција ги намалуваат цените во роаминг

Регулаторите во двете земји треба да ја одредат динамиката на намалувањето на цената на роамингот, а првите придобивки се очекува граѓаните да ги почувствуваат пред почетокот на туристичката сезона.

Husamedin Gina  | 19.02.2019 - Обновена : 20.02.2019
Република Северна Македонија и Грција ги намалуваат цените во роаминг (Foto: Husamedin Gina/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – Република Северна Македонија и Република Грција го потпишаа првиот билатерален договор – меморандум за разбирање за намалување на роаминг-услугите. Потпис на документот денеска во Владата ставија министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот за дигитална политика, телекомуникации и медиуми на Грција, Никос Папас, јавува Anadolu Agency (AA).

Регулаторите во двете земји треба да ја одредат динамиката на намалувањето на цената на роамингот, а првите придобивки се очекува граѓаните да ги почувствуваат пред почетокот на туристичката сезона, кога и ќе се зголеми протокот на луѓе меѓу двете земји.

„Договорот од Преспа не значи решавање само на еден политички проблем, со него се отвораат перспективи за граѓаните и бизнисите од двете земји“, рече Манчевски, додавајќи дека денеска го потпишаа билатералниот договор за намалување на цената на роаминг-услугите меѓу двете земји.

„Се согласивме дека максималните цени на роаминг-услугите треба да се намалат до нивото на оние цени што се применуваат во Европската Унија. Со меморандумот се предвидува динамично намалување на големопродажните и малородажните цени во роаминг-услугите, со цел тие да дојдат на ниво како што важеа и во ЕУ пред да се воведе принципот „роаминг како дома“. Она што можам да го кажам како исход од денешната средба дека следниот чекор е целосно укинување на роамингот“, појасни Манчевски.

Грчкиот министер Никос Папас рече дека со потпишувањето на овој меморандум и со потпишувањето на Договорот од Преспа, треба да се направи договор за граѓаните, за нивен подобар живот, подобри можности за комуникација, транспорт, економски можности.

Оваа посета, која е прва од ваков вид, министерот Папас ја оцени за многу корисна.

На новинарско прашање дали ќе се преземе нешто во однос на одливот на младиот кадар и дали Грција стручно ќе помогне во развојот на Западен Балкан, министерот Никос Папас рече дека рецептот е едноставен, но не толку лесен.

„Спомнавте за еден проблем којшто постои во двете земји, и во Грција и во Северна Македонија. Имаме проблем со заминување на младите, рецептот е едноставен, но не е толку лесен. Добра соработка, добри плати и дистрибуција на технологијата“, рече Папас.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.