Fatjon Cuka,Alma Dekovic
17 Јануари 2022•Ажурирај: 18 Јануари 2022
ТИРАНА (АА) – Премиерот на Албанија Еди Рама на заедничката прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Тирана изјави дека односите меѓу Албанија и Турција не треба да бидат причина за загриженост, бидејќи улогата на таа земја во Албанија е конструктивна и во функција на мирот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Албанија говореше за соработката меѓу двете земји, како и за помошта на турските власти за Албанија, и во таа пригода му се заблагодари на Ердоган кој, според неговите зборови, „беше покрај нас од првата секунда по земјотресот, кој прв јавно и многу конкретно се ангажира и кој го одржа својот збор.“
„Денес е многу посебен ден бидејќи заедно крунисавме извонреден пријателски, братски, добронамерен напор да го поддржиме препородот на една заедница која беше тешко погодена од земјотресот и каде што денес 522 семејства се во многу подобра состојба, подобра од онаа во којашто беа пред потресот да ги остави без своите домови“, рече Рама.
Истакна дека со поддршката на турската Влада и турскиот претседател заживеал и проектот за првиот технолошки парк во Албанија.
Додаде дека тој и турскиот претседател ќе направат сè за да ги зајакнат економските односи, да ја зголемат трговската размена и да ги зајакнат односите на полето на туризмот.
Рама потсети дека денеска двете земји ги поврзуваат конкретни иницијативи и достигнувања, и дека тоа потврдува дека минатогодишниот состанок во Анкара, кога беа потпишани низа декларации, меѓу кои и декларацијата за формирање Совет за соработка на високо ниво, отвори ново поглавје во односите Анкара-Тирана.
По обраќањето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Рама се осврна и на блиските односи меѓу Турција и Албанија, истакнувајќи дека тоа не треба да биде причина за загриженост.
„Не верувам дека некој во Албанија или во Европската Унија треба да биде загрижен поради односите меѓу двете држави. Тоа се традиционални односи. И во времето додека Албанија беше затворена земја, односите со Турција беа продолжение на една традиција“, рече Рама.
Албанскиот премиер говореше и за својот однос со турскиот претседател Ердоган, повторувајќи дека тоа не треба да биде причина за загриженост.
„Напротив. Смешно е тоа што се зборува, главно меѓу теоретичарите на заговор овде, но и на просторот на ЕУ. Сметам дека улогата на Турција во нашата земја е незаменлива, конструктивна и во функција на мирот“, порача Рама, и додаде дека „Турција е неизбежен, неотуѓив, незаменлив безбедносен вентил за ЕУ“.
Надлежните институции на Република Турција и Албанија денеска потпишаа седум договори за билатерална соработка во областа на справувањето со катастрофи и вонредни состојби, во областа на медиумите, државните архиви, културата и уметноста, безбедноста, младите и спортот и протоколите.