Alma Arnautoviç
11 Јануари 2019•Ажурирај: 12 Јануари 2019
ТУЗЛА (АА) - Членките на Здружението „Жени на Сребреница“ и денес одржаа мирен протест во центарот на Тузла, на кој порачаа дека и во политички амбиент кога претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина е лице кое го негира геноцидот, тие не се откажуваат од инсистирањето да бидат казнети злосторствата, јавува Anadolu Agency (AA).
Осврнувајќи се на настаните во Бања Лука од 9 јануари, Хајра Ќатиќ, претседателка на Здружението „Жени на Сребреница“, рече дека некои „никогаш не се откажале од планот за голема Србија и голема Хрватска“.
„Сето тоа се прави во договор и ете претседавачот на Претседателството е најголемиот негатор на геноцидот. Човиќ, поранешниот член на Претседателството на БиХ, оди на неуставниот ден на РС. Освен тоа живееме со луѓето кои ги величаат злосторниците и злосторствата. Одеа со трактори и со автомобили. Што да се очекува? Јас навистина сум разочарана“, рече Ќатиќ.
Без оглед на ниските температури на воздухот денеска, како и секој 11. ден во месецот, членовите на Здружението „Жени на Сребреница“ ја потсетуваат домашната и меѓународната јавност дека не се задоволни со досегашните индентификации поврзани за Сребреница, бидејќи бараат уште околу 1.300 исчезнати во текот на геноцидот.
Ќатиќ е мајка која со години бара каква било трага за синот Нино Ќатиќ, исчезнат во јули 1995 година.
„Во 2005 година Србите по површината собираа посмртни останки на луѓе токму на локацијата на која, ми рекоа, последен пат е виден мојот син. Секогаш потенциравме првин да се соберат телата од површината, па тогаш да се отвораат масовните гробници, но ете што се случува. Можеби така и моето дете е собрано и се наоѓа во Источно Сараево. Можеби некаде е фрлено. Губам надеж, но сепак го молам Господ да дојдам барем до една коска од својот Нино“, рече Ќатиќ низ солзи.