Zülfiya Yakup
27 Ноември 2018•Ажурирај: 28 Ноември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Четири општини од северниот дел на Косово со мнозинско српско население кои работат по косовскиот систем, денес престанаа да постојат, се порачува од мирниот протест на Србите одржан пред зградата на ЕУЛЕКС во Северна Митровица, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, зборувајќи пред неколку илјади граѓани, изјави дека градоначалниците на четири општини на северниот дел на Косово денес поднеле оставки, поради воведување такси од 100 отсто на стоки од Србија.
„Ние, градоначалниците, поднесовме оставки, и од денес администрацијата на локалната самоуправа во приштинскиот систем на север не постои повеќе. Не постои повеќе, не поради наш каприц, туку поради потезите со кои се оневозможува нормален живот на српскиот народ на просторот на Косово“, изјави Ракиќ.
Тој нагласи дека Владата на Косово со воведување такси од 100 отсто на стоки од Србија, ги довела во опасност животите на Србите на Косово. Ракиќ изјави дека освен таксите, повод за денешното собирање е и бруталната акција на Специјалните единици на косовската полиција (ROSU) во петокот, кога на северниот дел на Косово се уапсени четворица Срби осомничени за вмешаност во убиството на Оливер Ивановиќ, еден од политичките лидери на Србите од Косово.
Претседателот на Српската листа порача дека со протестите ќе продолжат сѐ додека „срамните одлуки“ за воведување такси не се повлечат. Тој додаде дека резервите на храна и сите останати залихи се при крај и дека е формиран Кризен штаб кој ќе заседава 24 часа и ќе одлучува во согласност со новата ситуација.
Директорот на Клиничко-болничкиот центар во Северна Митровица, Милан Ивановиќ, наведе дека Србите на Косово се симбол на отпорот и борбата за слобода, и порача дека Србите од Косово ги штити Владата на Србија.
Оставки на вонредните седници во четири српски општини поднесоа градоначалникот на Северна Митровица, Горан Ракиќ, претседателот на Лепосавич, Зоран Тодиќ, претседателот на Зубин Поток, Стеван Вуловиќ и претседателот на Звечан, Вучин Јанковиќ.
На протестот е соопштено дека судиите и обвинителите во Судот во Северна Митровица, со судските единици во Зубин Поток и Лепосавич, како и сите останати работници на тој суд, престанале да работат утринава во 9:00 часот, во знак на солидарност со граѓаните кои протестираат.
Потсетуваме, Владата на Косово во текот на минатата недела ја усвои одлуката за воведување такса од 100 отсто за производите увезени од Србија и Босна и Херцеговина (БиХ).