Dejan Maksımovıc
23 Декември 2019•Ажурирај: 24 Декември 2019
САРАЕВО (АА) - Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина денес на итната петта седница го потврди именувањето на министер, заменик-министер, претседавач и неговите заменици во новиот состав на Советот на министри на БиХ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со тоа Босна и Херцеговина го доби највисокиот орган на извршната власт, една година и два месеца откако беа одржани општите избори. Зоран Тегелтија, од Сојузот на независни социјалдемократи (SNSD), е потврден за претседавач со Советот на министри, додека негови заменици ќе бидат министерката за надворешни работи, Бисера Турковиќ, и министерот за финансии и трезор, Вјекослав Беванда.
Другите министри во Советот на министри на БиХ се Сташа Кошарац (министер за надворешна трговија и економски односи), Војин Митровиќ (министер за комуникации и транспорт), Анкица Гудељевиќ (министерка за цивилни работи), Јосип Грубеша (министер за правда), Фахрудин Радончиќ (министер за безбедност) и Сифет Поџиќ (министер за одбрана).
За заменици-министри во Советот на министри на БиХ именувани се Јосип Бркиќ (заменик-министер за надворешни работи), Лилjана Ловриќ (заменик-министерка за надворешна трговија и економски односи), Хазим Ранчиќ (заменик-министер за финансии и трезор), Неџад Бранковиќ (заменик-министер за комуникации и транспорт), Синиша Илиќ (заменик-министер за граѓански работи), Џевад Махмутовиќ (заменик-министер за човекови права и бегалци), Незир Пивиќ (заменик-министер за правда), Мијо Крешиќ (заменик-министер за одбрана) и Мирко Околиќ (заменик-министер за одбрана).
Претходно, Комисијата за подготовка и избор на Советот на министри на БиХ издаде препорака до Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ за назначување ново свикување на Советот на министри. Седум члена гласаа „за“, четири беа „против“, додека еден член на Комисијата беше воздржан.
Пред да гласаат за именувањето на Советот на министри во БиХ, Тегелтија ги извести парламентарците дека проверката на Младен Божовиќ, кандидат за министер за човекови права и бегалци од SIPA, е успешно завршена, но дека тој не бил назначен затоа што морал да помине интервју со Комисијата за подготовки и избор на министри на Советот во БиХ.
Иако Тегелтија не разјасни, во одлуката за именување на членовите на Советот на министри во БиХ го немаше заменик-министерот за безбедност, Владимир Мијатовиќ, за кого беше побарана дополнителна проверка, па ни тој не го изврши интервјуто кај Комисијата.
По дискусијата, пратениците гласаа за новиот состав на Советот на министри на БиХ со 29 гласа „за“, осум „против“ и еден воздржан. Потоа, сите членови на Советот на министри на БиХ дадоа свечена изјава.