Besar Ademi
27 Октомври 2017•Ажурирај: 28 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Според Извештајот за застапеноста на детските права во работата на Собранието на РМ во периодот од јануари до 31 август оваа година, во вкупно седум завршени парламентарни седници, за децата и за нивните права се дискутирало на индиректен начин, јавува Anadolu Agency (AA).
Презентирањето на извештајот за претставување на правата на децата во работата на Собранието на Македонија беше реализирано во рамките на програмата „Имплементација на Конвенцијата за заштита на правата на детето во Македонија“, спроведено од страна на Коалицијата на младински организации „Сега“, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Младинскиот образовен форум.
Споменатиот извештај наведува дека иако во некои аспекти на дискисиите може да се оцени дека и децата и нивните права се вклучени на директен начин, дискусијата не била целосно функционална.
Претседателот и основач на Првата детска амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац, упати апел до пратениците во Собранието на Македонија, во иднина да стават акцент не само на примарните права за заштита на децата, туку и на секундарните и терцијалните, како што е правото за учество на децата и нивната слобода на говор.
„Во интензивни преговори сме со Министерството за образование и наука. Имено, во завршна фаза е нацрт-верзијата којашто е доставена до министерката за образование и наука, кадешто конечно децата ќе имаат можност со усвојување на измените и дополнувањата во Законот за средното образование да се практикува детското учество, затоа што забележуваме дека децата имаат потреба низ разни организирани форми, во практика да го негуваат активното учество, да го кажат своето мислење и да не дозволат никој во нивно име да ги застапува, да ги претставува и да се бори за нивните основни елементарни права“, рече Змијанац.
Тој упати благодарност до пратениците за некои закони донесени во корист на децата и за правата на децата, укажувајќи на укинувањето на екстерното тестирање за основно и за средно образование.