СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, го посети Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шентоп и придружната делегација официјално ги отворија Стоматолошкиот факултет и Високата школа за медицински сестри при ИБУ.
Покрај Шентоп и прудружната делегација, на свеченото отворање присуствуваа министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, претседателот на Одборот на доверители на ИБУ, Ајдован Адемоски, ректорот на ИБУ проф. Д-р. Мехмет Дурсун Ердем и други високи претставници и студенти.
Во својот говор по сечењето на лентата, претседателот на Собранието на Турција, Шентоп рече: „ИБУ е институција која е формирана под лидерство на нашиот почитуван претседател за да им служи на односите меѓу Турција и Северна Македонија, како знак на убавина на овие односи. Основана е во 2006 година.“
Подвлекувајќи дека ИБУ е ѕвезда која блеска не само во Северна Македонија, туку и на Балканот и во Источна Европа поради квалитетното образование и активностите за обука што ги обезбедува, Шентоп рече: „Квалитетот на образованието што го обезбедува Меѓународниот балкански универзитет е ценет во многу земји, тоа ги видовме при нашите посети. Интересот на студентите, интересот на членовите на факултетот, научните студии и публикации се показатели како се развива универзитетот од ден на ден.“
Шентоп посочи дека поради епидемијата низ целиот свет подобро е разбран колку е важен здравствениот сектор, и колку се значајни инвестициите поврзани со здравјето и здравствената едукација. „Во минатото, моќта на земјите најмногу се мереше според нивното воено присуство, оружје, економска големина и можности. Тоа сè уште важи, но покрај тоа се сфати и колку е важна здравствената инфраструктура за големината и моќта на една земја.“
Меѓу другото Шентоп додаде:
„Турција беше меѓу земјите кои успешно го менаџираа епидемискиот процес и во однос на нејзината здравствена инфраструктура и од аспект на здравствените услуги што ги обезбеди. Процесот продолжува. Нема сомнеж дека има уште работи кои треба да се направат. Но, ние тестиравме и видовме колку е важна силната здравствена инфраструктура на Турција и подготовките што ги направија добро обучените здравствени работници, особено нашите лекари. Овие две одделенија кои ги отворивме денеска на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје ќе овозможат да бидат пренесени искуствата на Турција во областа на здравството. Исто така, важно е што оваа студија е спроведена заедно со Универзитетот Аџибадем, еден од најважните институции и универзитети во нашата земја во областа на здравството. Посакувам среќа. Да дипломираат успешни студенти. Да стане сервисен центар за народот на Република Северна Македонија. Нека им служи на односите Турција-Македонија“.
Министерот Филипче во својот говор упати честитка до турската заедница по повод 21 декември - Денот на турска настава, и ја нагласи важноста од инвестициите во образованието и здравството.
„Сакам да ви честитам за визијата којашто ја имате, да инвестирате во еден од столбовите на нашето општество, а видовме колку се битни и здравството и системот на едукација, посебно во време на криза да имаме вака современи школи. Една за дентална медицина и друга Висока медицинска школа за медицински сестри и акушерки во целокупниот наш здравствен систем значи многу“, нагласи Филипче.
Претседателот на Одборот на доверители на ИБУ, Адемоски, им се заблагодари на сите кои придонесоа за отворањето на факултетите, особено на премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче.
„По неизмерната работа на оваа поле, ние успеавме денес свечено да го отвориме Стоматолошкиот факултет и Високата школа за медицински сестри, така да ние како борд и како членови на фондацијата сме среќни што денес го одбележуваме овој ден“, рече Адемоски.
Од друга страна, ректорот на ИБУ, Ердем, истакнувајќи дека овие одделенија се отворени како резултат на тригодишен напор, рече: „Оваа точка до која дојдовме е резултат на нашите големи напори и сакам да истакнам дека сите наши успеси тука се постигнати благодарение на довербата на нашиот почитуван претседател на Собранието. Ние денес сме тука поради неговата поддршка, секогаш стоеше зад нас.“
По обраќањата, Шентоп и другите официјални претставници го посетија новоотворениот Стоматолошки факултет и Високата школа за медицински сестри и се здобија со информации од надлежните.
news_share_descriptionsubscription_contact
