ПРИШТИНА
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, поднесе оставка откако Специјализираните совети при Специјалниот суд со седиште во холандскиот град Хаг, го потврди обвинението против него, јавува Агенција Анадолија (АА).
- Вјоса Османи ја презеде функцијата вршител на должноста претседател на Косово
- Владата на Косово за потврдените обвиненија за Тачи и Весели: „Никој не е крив до конечна пресуда“
Потврдувањето на обвинението и оставката ја соопшти Тачи на прес-конференција, во рамките на која имаше свое обраќање до јавноста.
„Пред извесен момент бев информиран од страна на надлежните официјални лица дека судијата на претходна постапка на Специјалните совети го потврдил обвинението против мене. Овие моменти не се лесни за мене, за моето семејство и за вас кои ме поддржувавте и ми верувавте во овие три декади на нашите напори за слобода, независност и градење на државата“, рече Тачи.
„Ќе соработувам одблизу со правдата и од овој момент јас сум на располагање на правдата. Верувајќи во правдата, јас верувам во вистината, помирувањето и иднината на нашата држава и нашето општество“, додаде тој.
Тачи рече дека упатува апел до граѓаните на Косово да не ја губат надежта и да мислат на тоа што освоило Косово во текот на три декади, како што рече тој, слободата, независноста и градењето на државата.
Според него, обвинението против него и против неговите соборци е мала цена која се бара да се плати за слободата и формирањето на Косово.
„За да се заштити интегритетот на Претседателството на Република Косово, интергритетот на косовската држава, интегритетот и достоинството на граѓаните на Косово, народот на Косово, почитувајќи го и партнерството сомеѓународната заедница, јас денес поднесувам оставка од позицијата Претседател на Република Косово. Се чувствувам многу горд со одговорноста која ја носев во овие три децении на различни позиции, капацитети и институционални одговорности доверени од волјата на слободниот глас на граѓаните на Косово“, нагласи Тачи.
Меѓу другото, тој упати апел до политичките сили да ја докажат зрелоста која ја бара времето, останувајќи обединети и да не дозволат да се продлабочува уставната или институционалната криза.
Осврнувајќи им се на политичарите во земјата, тој нагласи дека интересите на државата сега треба да се постават пред партиските интереси бидејќи земјата и општеството немаат време за губење.