Admir Fazlagic
21 Декември 2016•Ажурирај: 22 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - По повод Денот на образованието на турски јазик – 21 декември, денеска во резиденцијата на претседателот на Република Македонија беше одржан свечен прием на кој присуствуваа претставници на организациите што работат во сферата на образованието на турски јазик, како и претставници на турските невладини организации, јавува Anadolu Agency (AA).
На свечениот прием, претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов упати честитки до сите припадници на турската заедница во Македонија, истакнувајќи ја важноста на празнувањето на денешниот празник на Турците во Македонија.
„Како речиси сите балкански држави, и Македонија во еден период од историјата беше дел од Османлиската Империја. Но, за разлика од речиси сите други балкански држави, Македонија не го отфрли, туку го прегрна најдоброто од ова наследство, а тоа е моделот на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Затоа, кога во 1944 ги удривме темелите на асномска Македонија, наместо интеграција со асимилација, ние го избравме патот на интеграција без асимилација“, рече претседателот Иванов во своето обраќање, навраќајќи се на почетоците на наставата на турски јазик во Македонија.
„Веќе на 21 декември 1944 година, за првпат во младата македонска држава започна наставата на турски јазик. Со тоа се исполни заветот за еднаквост и за рамноправност на сите граѓани, независно од етничкиот, верскиот и јазичниот идентитет. Но како држава не се задоволивме со тоа и работевме на афирмирање на културата и на традицијата на турската заедница“, рече Иванов потсетувајќи дека во наредната, 2017 година, ќе се навршат 50 години од моментот кога во Македонија започна да се емитува радио и телевизиска програма на турски јазик.
„Република Македонија е горда што може да се нарече роден крај на турски државници како Ататурк и Али Фети, турски поети како Јахја Кемал, спортисти како Џеди Осман, турски просветни работници како Абдул Хаким Хикмет Доган, да спомнеме само неколку. Тие и многу други синови и ќерки на Македонија и на Турција најдобро ја одразуваат традицијата на соживотот што ја наследивме од предците“, рече претседателот Иванов во својот говор.
Тој истакна дека во сите изминати години од независноста на Македонија, Република Турција се покажа како стабилен пријател и поддржувач на Македонија.
„Годинава славиме 25 години од независноста на Република Македонија. Во мугрите на независноста ние се соочивме со сериозни предизвици, од непризнавање и изолација, па сѐ до блокади и ембарга. Но како што вели народот – пријателот во мака се познава. Република Турција се покажа како стабилен поддржувач и пријател на Република Македонија. Најпрво со признавањето на незавизноста, а подоцна и со активната поддршка на нашиот евроатлантски пат“, истакна Иванов и додаде:
„Оваа 2016 година, не само Македонија, туку и Турција се соочува со сериозни предизвици, и на домашен и на глобален план. Затоа треба меѓусебно да се поддржуваме, бидејќи заедно сме посилни. Заедно, турската заедница во Македонија и македонската заедница во Турција имаат една многу важна улога, а тоа е да го држат постојано отворен капиџикот на односите меѓу двете пријателски држави“, рече претседателот Иванов, кој изрази уверување дека и во иднина ќе продолжат да се негуваат и да се унапредуваат добрите односи меѓу македонскиот и турскиот народ, како и меѓу двете држави, Република Турција и Република Македонија, во сите важни сегменти од општественото живеење.
На присутните им се обрати и Џеладин Џули, претседател на Здружението на дипломирани македонски студенти во Република Турција. Тој упати честитки по повод одбележувањето на Денот на образованието на турски јазик и истакна дека здружението верува во мултиетничка Македонија, како и дека секој жител на Македонија треба да даде свој придонес во нејзиното унапредување.
Говор пред присутните на приемот одржа и Фуркан Чако, член на Управниот одбор на македонски дипломирани студенти во Република Турција, инаку поранешен министер во Владата на Република Македонија.
„Денешниот празник го празнуваме со измешани чувства. Денес сме радосни, но и тагуваме. Од една страна се радуваме затоа што ние, како Турци од Република Македонија имаме можност да одбележиме вакви празници, кои за жал нашите сонародници не можат да ги слават во другите држави во регионот. Но од друга страна, тагуваме поради злонамерните игри што се прават против пријателската Република Турција“, рече Чако и му се заблагодари на претседателот Иванов за сите негови активности со цел афирмација на соживотот и поддршка на турската заедница во Македонија.
На свечениот прием по повод Денот на образованието на турски јазик – 21 декември присуствуваа бројни претставници на турските организации и институции во Македонија, меѓу кои и претседателот на Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин.
По свечениот дел на приемот, следуваше неформално дружење со претседатеот на Република Македонија.