Zylfije Adem Jakupi
29 Декември 2021•Ажурирај: 29 Декември 2021
ПРИШТИНА
Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, кој престојува во службена посета на Косово, одвоено го примија претседателката на Косово, Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Претседателството на Косово се наведува дека на состанокот со министерот Акар, претседателката Османи истакнала дека целта на Косово е членство во НАТО и побарала поддршка на Турција во тој процес.
Претседателката Османи и министерот Акар разговараа и за можностите за воена соработка и можноста за набавка на воена опрема. На состанокот е дискутирано и за можностите за соработка во областа на образованието и за обука за офицери, подофицери и пилоти на Косовските безбедносни сили.
Претседателката Османи на средбата со министерот Акар зборуваше и за актуелната политичка ситуација, истакнувајќи ги постојаните закани и провокации од Србија кои имаат за цел дестабилизација на регионот.
Министерот Акар одвоено беше примен и од премиерот Курти, а неговиот прв состанок беше со косовскиот министер за одбрана, Арменд Мехај. По разговорот со колегата Мехај, Акар рече дека односите на Косово и Турција се многу важни, имајќи ја предвид историската поврзаност и дека прашањето за суверенитетот, интегритетот и мирот на Косово е важно и за Турција.
Турскиот министер нагласи дека се важни чекорите кои Косово ги презема на патот на евроатлантските интеграции и дека од тој аспект е важна размената на воените искуства и обука помеѓу двете држави.
Исто така, нагласи дека Турција внимателно го следи процесот на дијалогот помеѓу Приштина и Белград, кој е од големо значење, и дека затоа Турција го поддржува дијалогот за на Балканот да има стабилност и мир.
Тој нагласи дека на состаноците ќе стане збор за конкретните чекори кои косовските институции треба да ги преземат против терористичката организација ФЕТО, која е закана и за други држави, не само за Турција.