Ekipa
14 Декември 2019•Ажурирај: 16 Декември 2019
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (AA) - Веќе започна празничната предновогодишна атмосфера во главните градови на земјите од регионот, а главните плоштади се декорирани со разнобојно осветлување и други декорации, како и со големи новогодишни елки, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во центарот на градот Скопје забележителна е поголема посетеност и раздвиженост на граѓаните, чие внимание го привлекува големата елка украсена со лампиони и светилки, а граѓаните што поминуваат во близина ја користат шансата да се фотографираат. На централниот скопски плоштад „Македонија“ се наоѓа и новогодишниот базар „Винтерленд 2020“, а граѓаните имаат можност да ја почувствуваат новогодишната магија и да уживаат во разновидната забавна програма.
Во рамките на „Винтерленд“ се сместени и новогодишните куќички, а новогодишната програма ќе трае до 31 декември. Исто така, во близина на куќичките е сместена и мала сцена, на која се организираат настани што имаат за цел да го привлечат интересот на сите граѓани, без оглед на возраста. На овој простор има и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер.
Во Скопје со различни светла се украсени и приватните објекти, кои даваат видлив изглед дека веќе е започната празничната атмосфера по повод новогодишните празници.
Покрај болката предизвикана од земјотресот од 26 ноември во Албанија, и во градовите во оваа држава започна празничната предновогодишна атмосфера.
Во Тирана локалните институции го украсија центарот на градот, плоштадот „Скендербег“ и булеварот „Маченици на нацијата“ со разно осветлување. Општина Тирана го украси централното градско подрачје со традиционалната елка, која го привлекува вниманието на граѓаните.
Иако помалку забележително во однос на претходните години поради трагедијата од земјотресот во Албанија, претпразнично се декорирани и другите градови во земјата.
Покрај декорациите што ги подготвуваат различните институции на земјата, граѓаните се грижат да создадат и повеќе празнично опкружување во своите домови.
Исто така, главниот град на Косово, Приштина, е украсен со разни декорации, кои покажуваат дека празничната атмосфера започна и во овој град.
Општина Приштина го украси плоштадот „Скендербег“ и плоштадот „Захир Пајазити“ со разновидни бои на светла, а две големи елки поставени се и на овие два плоштади.
Традиционалните дрвени куќи поставени од Општина Приштина се дел од предновогодишниот амбиент. Тука се наоѓаат бројни штандови кои нудат топли пијалаци и брза храна.
Исто така, поставени се и две сцени за музичарите кои ги забавуваат граѓаните до 31 декември, кога ќе биде дочекана Новата 2020 година.