Admir Fazlagic
15 Јули 2020•Ажурирај: 16 Јули 2020
СКОПЈЕ
Со затворањето на гласачките места во 21 часот заврши процесот на гласањето на предвремените парламентарни избори во Република Северна Македонија кој денеска се одвиваше од 07 до 21 часот. Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека излезноста досега изнесува 50,86 проценти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на ДИК на Северна Македонија Оливер Дерковски, ги соопшти првичните информации за излезноста на денешните предвремени паламентани избори.
„На истекот на изборниот ден нешто пред 21 часот се собрани последните податоци за излезноста во овој изборен ден. Можам да ви кажам дека резултатите се собрани од 3.466 избирачки места од вкупно 3.480 избирачки места. До 20:45 часот гласале 922.678 гласачи, или 50.86 проценти што значи очекуваме бројката да се зголеми уште за нешто за тие последни 15-20 минути", изјави Дерковски.
Тој информираше дека излезноста според изборни единици е: ИЕ 1 - 52,17 проценти , ИЕ 2 - 47, 97 проценти, ИЕ 3 - 57,37, ИЕ 4 - 59,79 проценти, ИЕ 5 - 50,16 проценти и ИЕ 6 - 39,23 проценти.
„Сакам да им заблагодарам на сите граѓани за денешниот изборен ден којшто помина, би рекол, во исклучително комплицирана сложена ситуација во нашата држава, меѓутоа помина одлично, со мали исклучоци, и можам само да им честитам на граѓаните за изразениот демократски капацитет којшто го покажаа во овој изборен ден", додаде Дерковски.
Според Избирачкиот список на Државната изборна комисија (ДИК), право на глас имаат 1.814 263 граѓани.
На изборите за 120 места во Собранието на Република Северна Македонија учествуваат 15 коалиции и политички партии со 1.560 кандидати.
По воведувањето на политичкиот плурализам, во земјата се одржани пет редовни парламентарни избори и четири предвремени парламентарни избори, и тоа во 2008, 2011, 2014 и 2016 година. Првите парламентарни избори се одржани кога земјата беше во состав на СФР Југославија, а останатите по прогласувањето на независноста во 1991 година.