Furkan Abdula
07 Јануари 2024•Ажурирај: 09 Јануари 2024
Православните христијани во Северна Македонија денеска го слават едниот од двата најголеми празници во христијанството, Божиќ, јавува Анадолу.
Во сите храмови на Македонската православна црква (МПЦ) изутринава се одржуваат божиќни литургии, a централното одбележување се одржа во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што литургија одржа архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан.
По повод Божиќ, архиепископот охридски и македонски, заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упати Божиќно послание во кое пожелува мир и благослов од Бога за сите.
По божиќната литургија, во Соборниот храм беше прочитана пораката на архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан. Пораката ја прочита отец Сашо.
Меѓу присутните, покрај голем број граѓани, се наоѓаа и високи функционери во земјата, како министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.