Edıta Zekjırovıc
09 Февруари 2022•Ажурирај: 10 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) – На 92-годишна возраст почина Лидија Кумбараџи – Богоевиќ, историчар на уметноста, една од подобрите познавачи на османлиското културно наследство во Северна Македонија, и автор на повеќе трудови за османлиските споменици во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кумбараџи – Богоевиќ има дипломирано на Филозофскиот факултет во Скопје на Отсекот Историја на уметност, во 1954 година.
По неколкугодишна дејност во просветата, работи во Одделението за исламски споменици во Музејот на Град Скопје, Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје и во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.
Со свои трудови има учествувано на неколку интернационални конгреси на турската уметност одржани во Венеција 1963 година, Екс Ан Прованс 1971, Минхен 1979 како и на Светскиот конгрес на историчарите во Москва 1970 година.
Со свои соопштенија учествувала на Основачкиот конгрес на друштвата на историчарите на уметноста на СФР Југославија, во Охрид 1976 и на Конгресот на историчарите на уметноста во Сараево 1985 година.
Има објавено повеќе свои трудови за османлиските споменици во Северна Македонија во научни и стручни списанија. Едно од нејзините најпознати дела е „Османлиски споменици во Скопје“ од 1998 година.
Кумбараџи е ќерка на Емин бег, а внука на Јашар бег.