Furkan Abdula
31 Март 2023•Ажурирај: 02 Април 2023
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Белград, за време на официјалната посета на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министрите од владите на Република Северна Македонија и Република Србија потпишаа неколку билатерални документи, што се во насока на натамошно приближување на двете држави, економии и народи, а коишто произлегуваат од потпишаните договори за „Отворен Балкан“, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, меморандумот потпишан помеѓу министрите за внатрешни работи на двете земји се однесува на олеснување и забрзување на протокот на патници и возила на Граничниот премин Табановце - Прешево.
„Свесни за високото ниво на фреквенција на патнички возила што се создава на овој граничен премин, тимови на министерствата за внатрешни работи, ИТ-секторите и граничните полиции, царинските управи, како и министерствата за транспорт и врски од двете земји работеа неколку месеци на изнаоѓање решенија. Дефинирани се повеќе типови мерки со чија имплементација ќе се унапреди, олесни и забрза протокот на патници и возила. Мерките се однесуваат пред сè на теренската инфраструктура и на моделот на заедничко гранично управување“, се наведува во соопштението.
Вториот меморандум што беше потпишан во Белград е за проект за вмрежување на системите за електронска наплата на патарините.
„Со интензивирањето на регионалната соработка и особено високото ниво на поврзување меѓу нашите две држави, секојдневно се зголемува бројот на граѓани кои патуваат од Северна Македонија за Србија или обратно, но голем е интензитетот на возила и патници кои ги користат нашите држави како транзит до трети земји. Во таа насока, постојано ја подобруваме инфраструктурата на автопатите и градиме нови автопати, но вложуваме и во дигитални решенија кои го олеснуваат патувањето преку вмрежување на системите за електронска наплата на патарините“, се нагласува во ова соопштение.
Се вели дека со потпишувањето на меморандумот, наскоро сите граѓани на Србија со инсталиран уред ТАГ ќе можат да поминуваат на патарините низ Северна Македонија без да застануваат, а истиот уред ќе важи и за граѓаните на Северна Македонија кога патуваат низ Србија.
Третиот меморандум што беше денеска потпишан во Белград се однесува на соработката во областа на рударството и енергетиката.
„Со овој меморандум ја покажуваме заедничката подготвеност за зајакнување на меѓусебните односи и разбирање, со цел да придонесеме за економски развој и зголемување на економскиот раст. Енергетиката е столб на економијата, а со овој меморандум, меѓу другото, се поттикнуваат и поддржуваат заедничките инвестиции од двете земји, особено за градење на капацитети за користење на обновливи извори на енергија, производство на енергија и меѓусебно поврзување на системите за гас и електрична енергија на Северна Македонија и Србија“, се додава во владиното соопштение.