Senada Ibraimova
22 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес, по повод Светскиот ден на водите, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) се одржува конференција на којашто ќе се дискутира за реформите на управувањето со секторот за води, постигнатите резултати и идните предизвици, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на оваа конференција е да се зголеми свеста за важноста на одржливиот начин на искористување на водата како скапоцен ресурс, намалување и повторна употреба на отпадните води, како и подобрување на животниот циклус на водата за секое живо суштество.
Во рамките на овој настан, МЖСПП ќе ги претстави трите проекти за реформи, и тоа реформи на национално ниво, на локално ниво, односно реформирање на јавните комунални претпријатија, како и изготвување на национална студија за вода.
„Овие три проекти во глобала чинат над 3 милиони евра, меѓутоа поголемиот дел се инфраструктурни проекти, а тоа се прочистителните станици за грижа за отпадните води и нивен третман. Станува збор за градба на пречистителни станици во Кичево, Струмица, Радовиш, потоа канализациони мрежи, проширување и правење колекторски системи во Прилеп, Куманово и во Берово, Пехчево. Тие чинат некаде околу 45 милиони евра, којшто средства се искористени од Европската Унија“, изјави заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски, додавајќи дека сите овие проекти треба да завршат до крајот на годината.
Темелковски вели дека денешната дискусија на конференцијата е поврзана со регулаторната комисија, односно носење на методологија и тарифник за наплата на водата. Според него, оваа реформа е добра и се темели на најдобрите европски практики.
Тој нагласи дека мора да се направи една дистинкција меѓу наплатата за водоснабдување и наплатата на третманот за отпадни води, и додаде дека за оваа реформа ќе има јавни расправи и методологијата ќе биде транспарентно изложена.
Раководителот на одделот за оперативни работи при делегацијата на ЕУ, Мауро Ди Вероли, пак, смета дека во Македонија се големи предизвиците во однос на одржливото користење на водата, природните ресурси, како и креирањето на законската рамка за сето тоа. Тој нагласи дека покрај законската регулатива, потребно е да се надградат капацитетите на персоналот кој работи на ова поле.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на РМ, Димитар Петров, во однос на оваа реформа истакна дека конференцијата, од аспект на размена на информации со ЕУ, е важна за донесувањето на подзаконските акти, правилникот за цените и методологијата.
„Поточно, четири тарифи би утврдувале во Регулаторната комисија за енергетика. Едната е за снабдување со сурова вода, другата е за вода за пиење, собирање и одгледување на отпадните води и тарифа за пречистителните станици, односно за пречистување на водата“, изјави Петров.
Светскиот ден на водите, кој се одржува на 22. март секоја година, се однесува на преземање активности за прашања поврзани со водите. Оваа година, темата е отпадни води, а кампањата „Зошто отпадни води?“ се однесува на намалувањето и повторно користење на отпадните води.