Elvir Hociç
04 Јуни 2018•Ажурирај: 05 Јуни 2018
ЉУБЉАНА (АА) - Претседателот на Словенија, Борут Пахор, утринава изјави дека за мандатар за состав на новата словенечка Влада ќе го именува Јанез Јанша, чија Словенечка демократска партија (SDS) е релативен победник на вчерашните парламентарни избори во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Фер е гласачите да ги знаат последиците од нивните одлуки и дека нивните гласови ќе бидат уважени. Само ако победникот на изборите не може да формира влада, а тоа искуство веќе го имавме, тогаш ќе се бараат други решенија“, рече Пахор за словенечките медиуми.
Пахор апелираше до сите политички субјекти кои ќе учествуваат во процесот на формирање нова коалициска влада да вложат максимален труд и да мислат на успешната и безбедна иднина на државата.
„Успешното формирање на Владата ќе биде главна политичка задача ова лето. Ќе ни биде потребно доста политичко трпение и мудрост“, заклучи Пахор.
Изборната комисија на Словенија доцна синоќа ги соопшти прелиминарните податоци врз основа на пребројаните 99 отсто од гласовите, според кои Словенечката демократска партија (SDS) освои 25,02 отсто од гласовите.
На второ место е Листата на Марјан Шарец (LMŠ) со освоени 12,6 отсто од гласовите, Социјалдемократите (SD) освоија 9,94, а Партијата на модерен центар (SMC) на Миро Церар доби доверба од 9,74 отсто гласачи. Левицата освои 9,23, а демохристијанската Нова Словенија (NSI) 7,15 отсто од гласовите.
Изборниот праг од четири отсто го преминаа и партијата на поранешната премиерка Аленка Братушек SAB (5,11 отсто), Демократската партија на пензионери (DESUS) со 4,91 отсто и Словенечката национална партија (SNS) со 4,20 отсто.
За вкупно 90 пратенички места се бореа 25 политички партии, од кои девет влегоа во најголемото законодавно тело на Словенија.
Извесно е дека Јанша го чека тешка работа во преговорите за идната коалициска влада, со оглед дека Левицата и Листата на Марјан Шарец веќе категорички одбија каква било можност за коалицирање со него, и го обвинуваат за радикална и антимигрантска политика по примерот на унгарскиот премиер и негов пријател, Виктор Орбан.
Јанша на функцијата премиер на Словенија беше од 2004 до 2008 година и од 2012 до 2013 година, а по дознавањето на прелиминарните резултати порача дека неговата Словенечка демократска партија (SDS) е отворена за соработка, преговори и коалицирање. Тој додаде дека, доколку формира влада, ќе ја води земјата праведно за сите граѓани.