Alma Dekovic
05 Јуни 2024•Ажурирај: 06 Јуни 2024
ЉУБЉАНА (АА) - Државниот збор (Народно собрание) на Словенија со 52 гласа „за“ ја поддржа одлуката за признавање на независноста и суверенитетот на државата Палестина, јавува Анадолу.
„Признавањето на Палестина како суверена и независна држава испраќа надеж за палестинскиот народ на Западниот Брег и Појасот Газа“, рече премиерот на Словенија, Роберт Голоб, објави Владата на социјалната платформа Х.
Опозициската Словенечка демократска партија (СДС) непосредно пред почетокот на седницата го повлече предлогот за консултативен референдум за признавање на Палестина, што го поднесе во понеделникот. На седницата партијата поднесе нов предлог за распишување на консултативен референдум, а нејзините пратеници ја напуштија седницата.
Поради новиот предлог прекината беше седницата на Државниот збор и свикана е седница на собранискиот Одбор за надворешна политика за предлогот на СДС за распишување на консултативен референдум. Следуваше вонредна седница на Државниот збор на која сите 52 пратеници го отфрлија предлогот за распишување на консултативен референдум, објавија словенечките медиуми.
Според словенечките закони, само Државниот збор (Народното собрание) има овластување да признае држава.
Владата на Словенија на седницата одржана на 30 мај ја усвои одлуката да му предложи на Државниот збор признавање на Палестина како суверена и независна држава, по што симболично беше истакнато знамето на Палестина.
Владата на Словенија на 9 мај започна процедура за признавање на државата Палестина. Тогаш Владата најави дека ќе ја испрати одлуката до Државниот збор најдоцна до 13 јуни.