Abdulbesar Ademi
14 Февруари 2021•Ажурирај: 14 Февруари 2021
ПРИШТИНА
Претседателката на Централната изборна комисија на Косово (ЦИК), Валдете Дака, истакна дека на сите гласачки места низ земјата до 15:30 часот гласале 32 отсто од гласачите, јавува Агенција Анадолија (АА).
На редовната прес-конференција Дака соопшти дека до 15:30 часот гласале 567.934 гласачи, од вкупно 1.794.862 граѓани регистрирани во гласачките листи.
Дака рече дека процесот на гласање се одвива нормално без некој посебен проблем.
На последните предвремените парламентарни избори во 2019 година до 15:40 часот гласале 29.28 отсто од гласачите, односно 554.750 од вкупно 1.937.868 гласачи што биле регистрирани во тој период.
Според неа, ЦИК донела одлука дека одредени граѓани може да гласаат со лични карти со поминат рок, тие кои, како што рече таа, имале проблеми со обновување на личните карти во Министерството за внатрешни работи поради пречките предизвикани од пандемијата на Ковид-19.
- Предвремени парламентарни избори во Косово
Низ Косово утрово во 7 часот се отворени гласачките места на предвремените парламентарни избори, а граѓаните со право на глас ќе можат да гласаат до 19 часот.
Се гласа според мерките пропишани за спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), задолжително е носење маски и употреба на средствата за дезинфекција на рацете. Ангажирани се и преку 1.000 мобилни тимови за гласачите кои се во самоизолација поради Ковид-19.
На предвремените парламентарни избори за Собранието на Косово се натпреваруваат 28 политички субјекти, од кои 21 политичка партија, две коалиции и 5 граѓански иницијативи. За едно од 120 пратенички места во косовскиот Парламент се пријавија вкупно 1.052 кандидати.