Ekipa
20 Март 2017•Ажурирај: 21 Март 2017
СОФИЈА (АА) - Граѓаните на Бугарија во недела на предвремените парламентарни избори ќе го бираат новиот состав на парламентот кој брои вкупно 240 пратенички места, а за кои ќе се натпреваруваат вкупно 4.732 кандидати од 13 партии и девет коалиции, јавува Anadolu Agency (AA).
По претседателските избори во јануари во Бугарија победи кандидатот на Бугарската социјалистичка партија (БСП), генералот Румен Радев, тогашната влада на Бојко Борисов поднесе оставка, а новиот претседател за 26 март распиша предвремени парламентарни избори.
Според податоците од Централната изборна комисија, на изборите право на глас имаат 6,5 милиони гласачи, а се очекува излезеност од околу 65 проценти.
Предизборната кампања е во завршна фаза, а вечерта петок кон сабота влегува во сила предизборниот молк, кој во Бугарија се нарекува „ден за размислување“.
Предизборната кампања во Бугарија, како една од најсиромашните земји на Европската Унија, се одвива во знакот на економските ветувања, но не недостасува ниту популистичката реторика која е во пораст во цела Европа.
Изборниот процес ќе се одвива во 31 изборна единица, кои во зависност од бројот на жители даваат различен број на парламентарни застапници, а од Софија, како најголема единица, во парламентот влегуваат 16 пратеници.
Цензусот кој партиите мора да го остварат за влез во парламентот е четири отсто, а за формирање на парламентарна група потребно е да се освојат десет пратенички мандати. Новост на овие избори е задолжителното електронско гласање.
Предизборните анкети даваат подеднакви шанси на двете најсилни бугарски политички опции, Граѓани за развој на европска Бугарија (ГЕРБ), предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов и Бугарската социјалистичка партија (БСП), која е наследник на поранешната Комунистичка партија во државата.
Компанијата Алфа Рисрч направи анкетно истражување кое предвидува дека партиите ГЕРБ и БСП имаат поддршка од гласачите од по 32 отсто. Во Парламентот би можеле да влезат уште четири политички партии меѓу кои Унијата на патриоти, која, според анкетите, има поддршка од десет отсто од електоратот.
Изненадување на престојните парламентарни избори би можела да биде партијата Демократи за одговорност, слобода и толеранција (ДОСТ) на чие чело е Лутви Местан. Тој претходно поради антируската реторика е избркан од партијата Движење за права и слободи, а со уште петмина пратеници ја формираа новата партија ДОСТ.