07 Мај 2019•Ажурирај: 07 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Папата Франциск пристигна на Меѓународниот аеродром Скопје каде беше пречекан од претседателот на Северна Македонија Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод доаѓањето на папата Франциск во земјата, на Меѓународниот аеродром Скопје беше организиран свечен пречек со Почесната гарда на Армијата на Република Северна Македонија.
Организацискиот тим на Апостолската посета на папата Франциск на Северна Македонија информираше дека по пристигнувањето на папата Франциск во Скопје, на платото на Претседателската палата, Вила „Водно“, ќе се одржи официјална церемонија на пречек, по која ќе следуваат одделни средби на папата со претседателот Иванов, а потоа и со премиерот Заев.
По официјалната церемонија, најавено е обраќање на папата Франциск пред државните власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор во земјата. Во рамките на посетата на Северна Македонија во текот на денот, во Спомен-куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје, папата Франциск ќе оствари средба со верски лидери и со роднини на Мајка Тереза.
По средбата со верските лидери, во амфитеатарот зад Спомен-куќата на Мајка Тереза, папата Франциск ќе има средба и со ранлива група граѓани. На централниот градски плоштад „Македонија“ во Скопје, папата ќе одржи света литургија на која е најавено присуство на илјадници граѓани од земјата.
По литургијата, предвидено е папата Франциск да ја посети Католичката црква во Скопје, каде што ќе оствари екуменска и меѓурелигиска средба со младите.
Исто така, во Католичката црква е најавено дека папата ќе има средба и со свештениците и нивните семејства. Според агендата, по посетата на Католичката црква, на Меѓународниот аеродром „Скопје“, папата Франциск ќе биде испратен со воена почесна гарда, со што официјално завршува неговата посета на Северна Македонија.
За време на посетата на папата Франциск во Скопје, преземени се посебни безбедносни мерки, а Министерството за внатрешни работи објави дека ќе има посебен сообраќаен режим со цел непречено одвивање на предвидените активности.
По повод посетата на папата, Владата на Северна Македонија соопшти дека на 7 мај ќе бидат бесплатни јавниот градски превоз, железничкиот превоз, како и паркингот во Скопје.
Владата на Северна Македонија вчера соопшти дека го прогласи 7 мај за неработен ден на територијата на Град Скопје поради посетата на папата Франциск на земјата.
За првпат во својата историја, Северна Македонија и нејзините граѓани се домаќини на посетата на папата и на висока делегација од Ватикан.