Husamedin Gina
08 Март 2021•Ажурирај: 09 Март 2021
СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Платформата за родова еднаквост, во Скопје се одржа Марш за женски права под слоганот „Држава што не постапува е држава што силува“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите најпрви се собраа пред Министерството за внатрешни работи од каде со скандирање „Разбуди се МВР (Министерството за внатрешни работи)!, Разбуди се ОЈО (Основно јавно обвинителство)!“ се упатија кон Паркот Жена Борец.
На протестниот марш се носеа и транспаренти со натписи „Отпор“, „Непостапување е соучество“ и други.
Во своето обраќање на почетокот на маршот, извршната директорка на „Акција Здруженска“, Марија Савовска, ја прочита пресудата кон институциите на овој марш кој се прави со цел поддршка на сите жртви од Телеграм-групата „Јавна соба“ и сите жртви на родово заснованото насилство.
„Виновни се за соучество во злосторство сите кои имаат моќ, одговорност и ресурси да обезбедат достоинство, правда, безбедност и заштита на личната сигурност и животот на жените и девојките, а не го прават тоа. Сите кои се овластени да ги откриваат, спречат, гонат и затвораат насилниците, а не го прават тоа“, нагласи Савовска.
Меѓу другото од Платформата, исто така, истакнаа дека од Министерството на внатрешни работи и Основното јавно обвинителство бараат кривичен прогон и обвиненија за сторителите од случајот „Јавна соба“.
Од Платформата за родова еднаквост исто така побараа измени и дополнувања во Законот за полиција и Правилникот за начинот на вршење на полициски работи со специјални одредби за постапување во случаи на насилство и нивно усогласување со Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените.
Случајот „Јавна соба“ се актуелизираше во јануари месец оваа година кога неколку девојки јавно проговорија дека се жртви на злоставување преку социјални мрежи, поради тоа што нивни фотографии се споделувани во група наречена „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, при што биле претставувани како личности кои се бават со проституција. За овој случај две лица се сомничат за производство и дистрибуција на детска порнографија.