Agim Sulaj
26 Октомври 2024•Ажурирај: 27 Октомври 2024
ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес престојува во официјална посета на Косово, во рамките на турнејата низ Западен Балкан, каде оствари средба со претседателката на Косово, Вјоса Османи, јавува Анадолу.
По средбата Османи изјави дека Косово постојано демонстрира конструктивен пристап и дека делува во духот на добрососедството со државите од регионот, како и дека го има најнапредниот уставен систем во регионот во поглед на малцинските права.
„Следствено на тоа, крајно време е конечно да се отстранат неправедните мерки кон Косово. Освен тоа што се неправедни, овие мерки директно им штетат на граѓаните на Косово, без разлики. Тие го оштетија процесот на дијалог, правејќи го неурамнотежен, нерамноправен и без кредибилитет. Укинувањето на мерките е одраз на потребите на сите граѓани на Косово“, рече Османи, нагласувајќи дека ќе соработува со претседателката на Европската комисија за да ги убедат земјите членки да ги укинат мерките кон Косово.
Во јуни минатата година Европската Унија воведе мерки кон Косово по избувнувањето на насилствата, откако градоначалниците од албанска националност влегоа во општинските згради и стапија на функција, што предизвика противење кај Србите во Косово.
Османи додаде дека на Западен Балкан, една земја се уште е „најсилниот сателит на Русија во Европа“ и дека тоа е Србија.
Косовската претседателка истакна и дека барањето на Косово за членство во ЕУ треба да се третира како што заслужува.
Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, пак, рече дека Косово работело напорно на зајакнување на демократијата во изминатите години. Таа додаде дека во нејзиниот втор мандат како претседателка на Европската комисија, проширувањето на ЕУ ќе биде еден од приоритетите.
„Го поздравуваме отворањето на границата, но и напредокот постигнат во ЦЕФТА. Сега, врз основа на овие важни чекори, мора да преземеме други чекори, за да дојдеме до точка каде што можеме да ги отстраниме сите мерки. А тоа ќе ни помогне да ги убедиме земјите членки дека треба да дадат согласност за секој чекор. Двете сме исклучително одлучни да ги најдеме сите начини, средства, чекори, да тргнеме напред кон заедничката цел“, нагласи Фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија рече дека заедничкиот проект е Косово да стане дел од ЕУ и дека таа „ќе ги преземе сите неопходни чекори за тоа“.
Во средата Фон дер Лајен ја започна турнејата низ земјите од Западен Балкан, при што ги посети Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово, а денеска попладне ќе отпатува за Црна Гора.
За време на посетата, Фон дер Лајен главно се фокусираше на реформскиот процес, борбата против корупцијата и организираниот криминал, економскиот развој, регионалната соработка и помошта што ЕУ продолжува да им ја дава на земјите од регионот за постигнување напредок во овие области.