Балкан

Одбележани 17 години од смртта на Борис Трајковски, поранешниот претседател на Северна Македонија

- „Претседателот Пендаровски положи свежо цвеќе и на вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата: Димка Илкова-Бошковиќ, Ристе Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски“, соопштија од Кабинетот на претседателот

Admir Fazlagikj  | 26.02.2021 - Обновена : 27.02.2021
Одбележани 17 години од смртта на Борис Трајковски, поранешниот претседател на Северна Македонија

СКОПЈЕ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска положи свежо цвеќе на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски во Алејата на великаните на градските гробишта „Бутел“ во Скопје, по повод одбележувањето на 17-годишнината од загинувањето на Трајковски во Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Претседателот Пендаровски положи свежо цвеќе и на вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата: Димка Илкова-Бошковиќ, Ристе Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски. Делегација на Кабинетот на претседателот денеска положи свежо цвеќе и пред Спомен-обележјето на местото на несреќата во Ротимље и на вечното почивалиште на Анита Кришан Лозановска на гробиштата во Велес", се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Од Кабинетот на претседателот на државата соопштија и дека Владата ја прифатила иницијативата на претседателот Стево Пендаровски за изменување и дополнување на Законот за одликувања и признанија на Република Македонија и воведување две нови одликувања во Република Северна Македонија: Орден „Киро Глигоров“ и Орден „Борис Трајковски“. Надлежните министерства имаат рок од 60 дена да ги подготват законските измени.

„Иницијативата на претседателот Пендаровски за воведување одликувања од највисок ред е посветена на поранешниот претседател Киро Глигоров и на покојниот претседател Борис Трајковски, кои со својата работа и активност, во исклучително тешки и чувствителни моменти во нашата држава, оставија неизбришлива трага. Орденот „Киро Глигоров“ и Орденот „Борис Трајковски“ ќе се доделуваат за мир и за мултикултурно општество", се додава во соопштението.

Потсетуваме, авионот во кој се наоѓаа претседателот на Македонија, Борис Трајковски, соработниците од неговиот Кабинет, Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска; вработен во македонското МНР, Миле Крстевски; членовите на обезбедувањето, Борис Велинов и Аце Велиновски, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски, падна на 26 февруари во 2004 година, на подрачјето Ротимље помеѓу Мостар и Столац.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.