Info Leader Media
06 Ноември 2022•Ажурирај: 07 Ноември 2022
СЕВЕРНА МИТРОВИЦА (АА) - Неколку илјади граѓани се собраа денес на протестите во Северна Митровица, на кои раководството на Српската листа ја повика меѓународната заедница да реагира и, како што рекоа, да ги запре нападите од Приштина, известува Агенција Анадолија (AA).
Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, довчерашен министер во Владата на Косово, рече дека го вратил мандатот на граѓаните кои го избрале, а не на Приштина.
„Се собравме денес обединето на Приштина и на меѓународната задница да им кажеме дека е доста со шпекулации, угнетувања и обесправувања на Србите на Косово и Метохија. Сведоци сме дека на Србите во последната година им е забрането да гласаат на изборите и референдумите, дека ни е забрането да се движиме и дека политичките претставници на Србите беа обвинувани без ниту еден доказ и дека ни ги одземаа имотите и таму градеа полициски бази. Ни ги одземаа санитарните возила и лековите, на спортистите им се закануваа со приведување и многупати нè малтретираа. Доста со газење на Бриселскиот договор“, рече Ракиќ.

Граѓаните со кои разговаравме рекоа дека е време ситуацијата да се смири и сите, без разлика на националноста и верската припадност, да живеат во слога. Томислав Симиќ на протестите дошол со внукот и рече дека не сака да си оди од Косово.
„Овие притисоци се неподносливи и придонесоа српскиот народ уште побргу да се обедини. Ние сме свои на свое, не го даваме своето. Доста е тешко, но ќе се бориме да останеме на своите огништа. Тука сме родени, тука се раѓаат и нашите деца“, рече Симиќ.
Градоначалниците на четирите општини од северниот дел на Косово поднесоа писмени оставки на своите функции, а тоа го сторија и командирите на Косовската полиција, обвинителите и судиите од српска националност. Административните работници од општините исто така ја прекинаа работата.
Северна Митровица е украсена со знамиња на Србија, а на улиците речиси и да нема припадник на Косовската полиција. Забележително е засилено присуство на КФОР, а од оваа мисија соопштија дека ја следат ситуацијата и ги повикаа сите страни да се воздржат од запалива реторика.