Oktaj Omeragikj
19 Мај 2025•Ажурирај: 20 Мај 2025
СКОПЈЕ (АА) - Уште еден неуспешен обид за конституирање на косовското Собрание, известува Анадолу.
Денешната седница на Собранието на Косово започна со половина час задоцнување. Претседавачот со седницата Авни Дехари ги повика пратениците на консултации пред почетокот на седницата.
Неуспешен беше и 18. обид за конституирање на Собранието на Косово. Во продолжението на седницата немаше доволно гласови за формирање комисија за тајно гласање за избор на претседател на Собранието. На гласањето 52. гласаа „за“, еден беше против, а немаше воздржани.
Следната седница е закажана за среда во 11 часот.
Предлогот на Движењето Самоопределување претседател на Собранието да биде Албулена Хаџиу не добива поддршка од пратениците од поранешната опозиција - Демократска партија на Косово (ДПК), Демократска лига на Косово (ЛДК) и Алијанса за иднината на Косово (АИК).
Од друга страна, пак, Движењето Самоопределување досега не покажа намера да предложи друго име.
По низата неуспешни обиди претседавачот на Собранието, Авни Дехари, предложи тајно гласање, но пратениците од поранешната опозиција беа и против тоа.
Во обид да го реши политичкиот ќор-сокак косовската претседателка Вјоса Османи ги повика политичките партии на состанок минатиот четврток, но не беше постигнат конкретен напредок. Таа најави можност за одржување индивидуални средби со партиите.
Движењето Самоопределување, преку претседавачот со седницата Авни Дехари, во саботата предложи еднаш неделно да се одржува седница наместо на секои 48 часа. Копретседателката на седницата Сала Јашари од ДПК се спротивстави на овој предлог, велејќи дека се подготвени да работат секој ден.