Балкан

Началникот на Генералштабот на Норвешка во посета на Северна Македонија

„Беше заклучено дека регионалната соработка е важен инструмент во создавањето на стабилност и меѓусебно разбирање на земјите“, стои во соопштението

Abdula Berisha  | 13.08.2019 - Обновена : 14.08.2019
Началникот на Генералштабот на Норвешка во посета на Северна Македонија ( Foto: Abdula Berisha/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Делегација на Вооружените сили на Кралството Норвешка, предводена од началникот на Генералштабот, адмирал Хакон Брун-Хансен, престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана на Северна Македонија, во рамки на дводневната официјална посета, пренесува Anadolu Agency (AA).

Адмирал Хансен беше пречекан со високи воени почести, по што оствари билатерални средби со неговиот македонски колега, началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, а се одржа и средба на двете делегации.

Во соопштението од Генералштабот на Северна Македонија се вели дека од норвешка страна била искажана подготвеност за споделување на нивното искуство и поддршка на земјата во приспособувањето на стандардите на НАТО. Министерката Шекеринска се заблагодарила за ратификацијата од страна на Норвешка на Приемниот протокол на нашата земја во НАТО, како и за досегашната поддршка.

„Беше заклучено дека регионалната соработка е важен инструмент во создавањето на стабилност и меѓусебно разбирање на земјите. Во таа насока беше подвлечено дека членството во НАТО ја јакне регионалната соработка, при што соработката на скандинавските земји беше наведена како еден од најуспешните примери во светот“, стои во соопштението.

Адмиралот Хансен, на средбата со неговиот колега ја оцени како значајна досегашната соработка, по што искажа уверување дека со полноправното членство на Северна Македонија во НАТО ќе се унапредат и облиците на билатералната воена соработка.

За време на состанокот помеѓу делегациите, во соопштението стои дека норвешката страна била запознаена со процесот на трансформацијата на Армијата, учеството во мировните операции, користењето на капацитетите на армискиот полигон Криволак и за можностите за унапредувањето на билатералната соработка.

За време на посетата во Северна Македонија норвешката делегација оствари средба и со претседателот Стево Пендаровски.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.