Elena Trenchevska Chekovıkj
25 Јануари 2017•Ажурирај: 25 Јануари 2017
БРИСЕЛ (АА) - Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, се обрати со соопштение по повод одржаниот состанок на високо ниво во рамките на Дијалогот меѓу Белград и Приштина, што се одржа синоќа во Брисел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Таа во соопштението ја изрази големата благодарност до претставниците на страните во дијалогот, претседателите Томислав Николиќ и Хашим Тачи, и премиерите Иса Мустафа и Александар Вучиќ, за отворената и конструкривна средба, како и за, како што истакнува, оставањето на тензиите настрана и фокусирањето кон идните активности.
„Напредокот во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е од суштинско значење: за Косово и за Србија, за самата Европска Унија, како и за регионот на Западен Балкан во целина. Напредокот во дијалогот е клучен за двете страни во насока на унапредување на нивните патишта кон Европската Унија“, истакнува во соопштението високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини.
Таа понатаму нагласи дека е охрабрена од страна на раководството, визијата, посветеноста и од ангажираноста покажана од страна на политичките лидери, во пристапот и решавањето на прашањата од заеднички интерес преку дијалог.
„Двете страни се согласија дијалогот да се води во духот на почитувањето, соработката и меѓусебното разбирање. Разговорите меѓу двете страни ќе се интензивираат во текот на следните денови. Решивме да имаме серија рунди во дијалогот на високо ниво, со почеток во наредните денови“, вели во соопштението Могерини.
Таа порачува дека преговорите ќе се водат конструктивно, за доброто на сите луѓе во Србија и во Косово, напредувајќи по патот кон ЕУ, и додава дека како олеснувач во преговорите ќе се стреми постојано лично да биде вклучена во поддршката на целосната имплементација на исходот, на постигнатите спогодби, и на идниот прогрес во нормализацијата на односите меѓу двете страни.
Инаку, синоќа се одржа средба на државните делегации на Косово и Србија во Брисел, која имаше за цел да се намалат тензиите меѓу двете земји по настанатата криза во меѓусебните односи поради случајот со возот и апсењето на поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај.