Ahmet Gençtürk
26 Јуни 2023•Ажурирај: 27 Јуни 2023
АТИНА (АА) - Кирјакос Мицотакис положи заклетва со која го започна својот втор мандат како грчки премиер, по убедливата победа на неговата конзервативна партија Нова демократија на изборите во неделата, јавува Анадолу.
Мицотакис, кој доби мандат од претседателката Катерина Сакеларопулу да формира влада, положи заклетва во претседателската палата во главниот град Атина пред претседателот и во присуство на високи православни свештеници во земјата и членови на неговото семејство.
На изборите одржани во недела на кои беше формиран најдесничарскиот Парламент во земјата од 1974 година, конзервативната Нова демократија освои 40,55 отсто од гласовите, обезбедувајќи 158 од 300 места во Парламентот.

Иако левичарската СИРИЗА, предводена од Алексис Ципрас, ја задржа својата позиција како главна опозициска партија, доаѓајќи на второ место со 17,84 отсто од гласовите и 48 пратенички места, резултатите укажуваат на голем пораз на партијата, што го потврдија нејзините лидери.
Социјалдемократската партија ПАСОК го зазеде третото место со 11,85 отсто од гласовите, што ѝ овозможи да обезбеди 32 места во Парламентот.
Комунистичката партија на Грција (ККЕ), која има силно присуство во некои големи синдикати и работнички области во Атина и пристанишниот град Пиреја, како и некои острови во Егејското Море, како што е Икарија, освои 7,69 отсто од гласовите или 20 места во Парламентот.
Партијата Спартанци, отворено поддржана од Илијас Касидијарис од забранетата неонацистичка Златна зора, освои над 4,68 отсто од гласовите и првпат влезе во Парламентот со 12 места.

Исто така, екстремно десничарската популистичка партија Грчко решение и крајно десничарската религиозна партија Ники (Победа) беа другите што го поминаа изборниот праг од три отсто и влегоа во Парламентот, со 4,45, односно 3,70 отсто од гласовите. Тие обезбедија 12, односно десет пратенички места.
Во меѓувреме, партијата Пловење за слобода, основана од поранешната претседателка на Парламентот Зое Константопулу, обезбеди осум места во Парламентот со 3,17 отсто од гласовите, додека МеРА25, предводена од поранешниот министер за финансии на Ципрас, Јанис Варуфакис, остана надвор од Парламентот со 2,46 отсто од гласовите.
Стапката на излезност на изборите во неделата изнесуваше само 52,82 отсто, во споредба со 61,1 отсто на изборите на 21 мај.