Abdula Berisha
04 Април 2019•Ажурирај: 05 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, најави новости во здравствениот систем на Северна Македонија, како што истакна, за поголема покриеност на здравствените услуги во државата, јавува Anadolu Agencu (AA).
Министерот Филипче истакна дека се преземени неколку чекори во оваа насока, истакнувајќи дека е свесен дека во неколку места има недостиг, пред сѐ на доктори на примарно ниво, гинеколози и педијатри.
Филипче објасни дека се планира промена на законот, со што ќе им се овозможи на докторите кои работат во болниците да служат и како доктори на примарно ниво, додавајќи дека исто така се планира поголема соработка со приватниот сектор.
„Најголемите новини кои ги планираме се во смисла на промена на начинот на финансирањето на дел од здравствените услуги, во смисла на имплементирање модели на приватно-јавно партнерство, дозволување на приватниот капитал да влезе како инвеститор во нашиот здравствен систем, со цел да се ослободиме од непотребните трошоци“, рече Филипче.
Тој истакна дека целта на новостите е искористувањето на капацитетите кои постојат во приватните здравствени установи, за да се овозможат поевтини и поквалитетни услуги за пациентите.
Министерот за здравство оваа изјава ја даде по повод одбележувањето на 7 април - Светскиот ден на здравјето, кое традиционално се организира од Македонското лекарско друштво.
Претседателот Горан Димитров истакна дека Македонското лекарско друштво е професионална организација која постои од 1945 година, и која има мисија континуирано да го подобрува квалитетот на здравствената заштита, да ја подобри лекарската практика, да поставува високи етички стандарди и да го зачува достоинството на лекарската професија.
„Ние во текот на нашето постоење секогаш сме се бореле за овие работи коишто се според статутот, и се надеваме дека во наредната година сето тоа ќе биде подобро. На општо задоволство на сите лекари, зголемувањето на надоместокот за дежурствата е огромен чекор напред“, рече Димитров.
На настанот, освен министерот за здравство, Венко Филипче, присуствуваа и претставници на Светската здравствена организација и претставници на лекарските комори од државата и од земјите на регионот.
Македонското лекарско друштво оваа година го одбележа Светскиот ден на здравјето под мотото „Здравје за сите, здравје насекаде“, а на крајот на настанот беа доделени неколку признанија.