Abdula Berisha
12 Март 2020•Ажурирај: 13 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека не се регистрирани нови случаи со новиот коронавирус во земјата, а исто така ги соопшти и новите мерки за спречување на ширењето на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министерот, исто така, информира и за новите предлози на Комисијата за инфективни болести, за кои соопшти дека е свикан владин состанок на кој тие треба да бидат одобрени.
Меѓу другото, тој ја наведе забраната за јавни или приватни собири, без оглед на бројот на посетеност, додека кафулињата и рестораните можат да работат до 18:00 часот и со полн капацитет, но да одржуваат растојание од 1,5-2 метри меѓу луѓето.
Министерот Филипче информира дека техничкиот премиер Оливер Спасовски разговарал со претставниците на Македонската православна црква, Исламската верска заедница и Католичката црква за строго почитување на предложените мерки.
„Верските заедници ќе мора да се придржуваат кон овие денешни мерки затоа што не можат да пуштат препораки подобри од овие што ние сега ги даваме, имајќи предвид дека голем број луѓе се на мала дистанца“, рече Филипче.
Министерот за здравство истакна дека дополнителните мерки за заштита од ширењето на коронавирусот се предложени по консултација и со италијански лекари.
„Морам да кажам дека вчера имавме разговори и со колеги од Италија коишто укажаа на тоа дека во одредени делови на земјата, претежно во северните делови каде што започна епидемијата, дури по спроведувањето на поригорозните мерки, веќе нема регистрирано нови случаи“, рече Филипче, потенцирајќи ја потребата од радикални мерки.
Исто така, во согласност со препораките на Владата на Србија, граничните премини „Прохор Пчински” и „Рибарци“ се затворени од утрово.
Потсетувајќи дека Светската здравствена организација (СЗО) вчера прогласи глобална пандемија на коронавирусот, министерот Филипче рече дека разговарал со официјални лица на СЗО, при што, како што истакна, немало општи препораки за конкретни држави, но секоја земја имала право да применува свои автентични мерки.
На прес-конференцијата министерот Филипче информираше и за состојбата на пациентите.
„Од деветте пациенти на Клиниката за инфективни болести, шест се во стабилна состојба. Од синоќа и утрово кај тројца од нив има лесно влошување на состојбата, што значи дека имаат малку поотежнато дишење. Сѐ уште не е потребна респираторна поддршка, меѓутоа, терапијата се интензивира. Тројцата пациенти се во повозрасната категорија, над 65-66 години“, рече Филипче.
Тој исто така рече дека утрово било тестирано едно лице, кое од Германија дошло на 7 март без симптоми на вирусот, но дека денеска е тестирано поради покачување на телосната температура, додавајќи дека се очекува резултатот да биде објавен во текот на денот.
Министерот исто така рече дека синоќа е назначен за нов директор на Клиниката за кожни болести. Потсетуваме дека во понеделникот беше потврдено дека претходната директорка е заразена со коронавирусот. Таа беше разрешена поради неисполнување на препораката за двонеделна изолација, откако допатувала од Италија и продолжила да оди на работа во наредните пет дена.
Потсетуваме дека вкупниот број потврдени случаи со коронавирусот во Северна Македонија е 9, од кои еден пациент е излекуван.
Според СЗО, од коронавирусот досега починаа над 4.600 лица, а во над 114 земји во светот се регистрирани над 125.000 потврдени случаи со вирусот.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија.