Lejla Biogradlija
08 Септември 2022•Ажурирај: 09 Септември 2022
ЗАГРЕБ (АА) – Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, истакна дека неговата земја која е членка на Европската Унија (ЕУ) и НАТО, ќе продолжи да соработува со Туркије (Турција), јавува Агенција Анадолија (АА).
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на заедничката прес-конференција со претседателот Реџеп Таип Ердоган истакна дека Туркије и Хрватска имаат добри, конструктивни и здрави односи.
Потсетувајќи дека Хрватска ја одбележува 30-годишнината од дипломатските односи со Туркије, Милановиќ рече: „Туркије со своето разбирање и поддршка во тешките моменти отсекогаш стоела до Хрватска.“
Тој истакна дека на средбата со Ердоган разговарале за многу прашања: „Разговаравме за чувствителната улога што Туркије ја одигра во војната во Украина. Разговаравме и за обемот на надворешната трговија. Обемот на надворешната трговија меѓу Туркије и Хрватска не е доволен бидејќи е помалку од милион долари. Мислам дека обемот на трговска размена ќе биде подобар.“
Нагласувајќи дека инвеститорите кои доаѓаат во Хрватска се претежно од Туркије, Милановиќ додаде: „Дојдоа големи компании, банки и туристички компании. Ова истовремено го покажува и интересот на турските инвеститори, но тоа не е доволно. И ние треба да направиме чекор и да доставиме понуди.“
Милановиќ рече дека Хрватска, како членка на ЕУ, НАТО и како стабилна земја, ќе продолжи да соработува со Туркије во областа на економијата и на многу други полиња: „Треба повеќе да разговараме меѓу себе. Средбата од еден час покажува дека имаме добри намери. Сепак, не се познаваме доволно добро. Ни треба повеќе дијалог.“