Admir Fazlagic
07 Декември 2019•Ажурирај: 09 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Северна Македонија соопшти дека во полициска акција на 34 локации во скопски населби е сузбиена криминална група при што од слобода се лишени 12 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на МВР, во раните утрински часови, Сектор за внатрешни работи (СВР) Скопје во содејство со Одделот за сузбивање на организан и сериозен криминал, Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за специјални полициски операции и во координација со Основното јавно обвинителство Скопје спроведе координирана полициска акција насочена кон лица можни членови на криминални групи.
Како што се наведува во соопштението, групите делуваат на подрачјето на СВР Скопје, за што се документирани кривични дела „предизвикување општа опасност“ и „загрозување на сигурноста спрема службено лице“, како и сомненија за инволвираност во вршење на кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
Притоа, како што се наведува во соопштението, врз основа на судски наредби, извршени се претреси на 34 локации во населените места Ѓорче Петров, Грчец, Ченто, Арачиново, Чаир, Бутел, Визбегово, Бардовци, Студеничани и Центар со цел обезбедување и пронаоѓање на материјални докази кои потекнуваат од извршени кривични дела.
„При претресите биле пронајдени и одземени патнички моторни возила, пиштоли, пушки, рамки за муниција и муниција, куршуми различен калибар, панцирни елеци, преносни компјутери, мемориски стикови, опрема за видео назвор, мобилни телефони со сим картички, пари во различни апоени, прашкаста материја, предмети со остатоци од прашкаста материја и друго", се вели во соопштението.
Пред и за време на акцијата, а поради сомнение за инволвираност во наведените кривични дела од слобода се лишени 12 лица од кои шест се од село Грчец, општина Сарај, четири лица од Арачиново, едно лице од село Крушопек во општина Сарај, како и едно лице од Скопје.
„Активностите на МВР во борбата против тешки кривични дела со елементи на насилство ќе продолжат и во иднина, со поголем интензитет и зајакнати мерки", информираат од МВР.