Zylfije Adem Jakupi
15 Октомври 2020•Ажурирај: 16 Октомври 2020
ПРИШТИНА (АА) - Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, на крајот на посетата на Косово изјави дека Заедницата на српски општини (ЗСО) ќе биде формирана по конечниот договор, но дека дотогаш сѐ мора да биде подготвено во врска со тоа прашање, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата Лајчак рече дека за време на неговиот тридневен престој имал 25 состаноци со сите институционални и политички лидери во Косово и дека сите соговорници го поддржале дијалогот со Србија, како и имплементацијата на договорот за формирање Унија на општини со мнозинско српско население во Косово.
Лајчак оцени дека на прашањето за ЗСО во Косово се пристапува со многу емоции, но дека Косово мора да ги исполни своите меѓународни обврски.
Тој потсети дека се постигнати два договори за договорот за ЗСО во Брисел, во 2013 и 2015 година, кои беа усвоени од Собранието на Косово. Тој додаде дека постои одлука на Уставниот суд на Косово во врска со ЗСО, но дека не пишува дека Заедницата не може да се основа, туку дека треба да се формира во согласност со неговото мислење.
„Следниот чекор треба да биде изготвување на статутот, тоа е она што го очекуваме. Заедницата е дел од конечниот договор и договорот почнува да се применува по потпишувањето. Значи, спроведувањето на договорот за Заедницата ќе започне по потпишувањето на договорот, но деталите во врска со Заедницата треба да бидат договорени како дел од договорот“, рече Лајчак.
На прашањето како треба да изгледа конечниот договор, Лајчак рече дека не е на него да одреди како ќе изгледа договорот.
„Преговараме за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Мојот мандат вели нормализација и не можам да ограничам што е нормализација - ние сме тука за да ја најдеме таа нормализација и јас сум тука за да го олеснам тој процес“, рече Лајчак.
Тој посочи дека се знае што значи компромис во сите преговори „ако сакам да земам нешто, морам и да дадам нешто“.
Тој исто така рече дека нормализацијата на односите преку законски обврзувачки конечен договор, кој ќе ги реши сите спорни прашања еднаш засекогаш, ќе ги приближи Косово и Србија кон Европската Унија, а исто така ќе придонесе за стабилизирање на состојбата во регионот.