Zylfije Adem Jakupi
30 Мај 2023•Ажурирај: 31 Мај 2023
ПРИШТИНА (АА) - Мисијата на НАТО на Косово (КФОР) соопшти дека вчера за време на немирите во Звечан се повредени 30 војници, пренесува Анадолу.
Бројот на повредените мировници при вчерашното неиспровоцирано насилство во Општина Звечан е 30, од кои 11 војници од италијанскиот и 19 од унгарскиот контингент се здобиле со повеќе повреди, меѓу кои и скршеници и изгореници од импровизирани експлозивни запаливи направи.
Тројца унгарски војници се ранети од употреба на огнено оружје. Нивните повреди не се опасни по живот.
„Мисијата на КФОР предводена од НАТО го зголеми своето присуство во четири општини во северно Косово за да го намали ризикот од ескалација, откако новоизбраните градоначалници се обидоа да ја преземат функцијата. Војниците на КФОР подоцна беа нападнати од сè поагресивна толпа. КФОР секогаш дејствува одлучно и воздржано, во рамките на строгите Правила за ангажман (ROE). Во овој случај, тој одговори на неиспровоцираните напади на насилната и опасна толпа, додека непристрасно го извршуваше својот мандат на Обединетите нации“, соопшти КФОР.
Се додава дека командантот на мисијата на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча, лично го следи развојот на ситуацијата и изразува солидарност со војниците на НАТО кои беа повредени за време на конфликтот и нивните семејства:
„За да се избегнат конфликти меѓу страните и да се намали ризикот од ескалација, мировните сили на КФОР спречија закани по животите на косовските Срби и косовските Албанци. Двете страни треба да преземат целосна одговорност за она што се случи и да спречат каква било понатамошна ескалација, наместо да се кријат зад лажни наративи.“
Беше нагласено дека КФОР ќе продолжи да ги презема сите неопходни мерки за да обезбеди безбедна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово, во согласност со неговиот мандат заснован на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година.