Zylfije Adem Jakupi
16 Јуни 2023•Ажурирај: 16 Јуни 2023
ПРИШТИНА (АА) – Премиерот на Косово, Албин Курти, пред пратениците во Собранието на Косово изјави дека сѐ уште чека одговор и преземање ефективна одговорност од страна на КФОР за киднапирањето на тројцата косовски полицајци од српските сили во пограничниот појас на северот на Косово, јавува Анадолу.
Курти рече дека КФОР треба да интервенира во врска со киднапирањето на полицајците бидејќи одговорноста на таа институција е вршење заштитна функција, со тоа што ќе ѝ наложи на Србија да ги врати киднапираните полицајци и да го казни ова флагрантно кршење на територијалниот интегритет, суверенитет и на Кумановскиот договор.
„Сега кога поминаа 30 часа од киднапирањето, сè уште немаме официјално соопштение од КФОР. Изразив и протест за молкот, како и барање за итно реагирање“, рече Курти.
Тој го повтори ставот дека киднапирањето на тројцата косовски полицајци е одмазда за апсењето на Милун Миленковиќ од Северна Митровица, кој има криминално досие.
„Креирањето одмазда како инструмент против функционирањето на правната држава не е само варварски менталитет туку и показател за ориентацијата на српското раководство кон североисток, деспотите на североисток, а не кон ЕУ и САД“, истакна Курти, додавајќи дека Владата ќе направи сè за да ги ослободи полицајците.
Пратеникот и претседател на опозициската Демократска партија на Косово, Мемли Красниќи, рече дека одговорноста за враќањето на тројцата полицајци е на премиерот Курти, но дека е потребна и поддршка од меѓународните сојузници.
„Сега, пред сè, најважен е животот на тројцата полицајци, за кои ниту ние ниту вие, премиере, немате вести, ниту каде се, ниту како се, ниту што се случува со нив. Одговорноста за нивното враќање дома е ваша, премиере“, рече Красниќи.
Шефот на пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, Арбен Гаши, рече дека се согласува дека мора да постои владеење на правото и борба против криминалните групи, но дека истовремено треба да постои демократско управување и координација со меѓународните партнери. Тој рече дека не се согласува со начинот на кој премиерот комуницира и пристапува кон КФОР.
Гаши праша дали премиерот знае какви би биле последиците доколку КФОР побара отстранување на сите косовски безбедносни сили од северниот дел на Косово.
Шефот на пратеничката група на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Бесник Тахири, го предупреди премиерот Курти дека нема суверенитет без партнерство, појаснувајќи дека дури и земјите како Германија и Франција се дел од поголема организација, како што е НАТО, за да го заштитат својот суверенитет.
- Премиерот Курти се сретна со амбасадори акредитирани во Косово -
Косовскиот премиер Албин Курти вчера ги покани на информативна средба амбасадорите, вршителите на должност, шефовите на дипломатските мисии и заменици-амбасадорите акредитирани во Косово, со кои разговараше за безбедносната ситуација на северот на Косово по завчерашната „српска агресија врз Република Косово“.
Како што е соопштено од Владата на Косово, премиерот со нив ги споделил доказите со кои се документира дека „се занимаваме со агресија на Србија врз Косово и дека киднапирањето на припадниците на косовската полиција се случило длабоко на територијата на Косово“.
Според зборовите на премиерот, овој чин претставува кршење на Уставот, правниот поредок, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Косово. Тој го повтори барањето за итна и казнена реакција на меѓународните фактори на овој чин на агресија врз Косово, како и барањето за итно пуштање на слобода на тројцата полицајци чии семејства Курти ги посети.