Bedrudin Brljavac
18 Јуни 2023•Ажурирај: 19 Јуни 2023
ПРИШТИНА (АА) - Косовската полиција соопшти дека не се точни наводите од страна на Србија дека две деца се малтретирани и тепани од страна на полицијата, откако биле запрени возејќи мотор, известува Анадолу.
Се истакнува дека немало непрофесионално однесување на припадниците на полицијата.
Во соопштението се вели дека вчера во попладневните часови, патролата која била на дежурство на патот Извор - Бањска, забележала два мотора на четири тркала на кои се возеле 5 лица. Еден мотоцикл не сакал да запре на полицискиот знак и потоа полицијата тргнала по него пешки, поради непроодниот терен. На околу 150 метри од магистралниот пат, го нашле мотоциклот и две лица.
Во продолжение се наведува дека на таа локација се појавила една жена, која рекла дека е мајка на двете лица кои полицијата ги привела.
„По проверката на лицата и мотоциклот, како и по спроведената полициска постапка, лицата се пуштени. Важно е да се истакне дека полициската акција е спроведена во согласност со законските процедури и во ниту еден момент немало непрофесионално однесување на полицијата. Различните изјави дека полицијата ги тепала двете деца се невистини“, се вели во соопштението на косовската полиција.
Во соопштението се наведува дека косовската полиција во согласност со своите надлежности ја обработува секоја жалба што е упатена и го известува Полицискиот инспекторат на Косово.
Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Република Србија претходно објави дека „Припадници (заб. ав. премиерот на Косово, Албин) на полицијата на Курти во саботата вечерта во Житковац, покрај Звечан, брутално претепаа две деца, К.Р. (15) и Д.Р. (17)“.