Agim Sulaj
29 Мај 2026•Ажурирано: 29 Мај 2026
Од 1 јуни 2026 година, косовската Влада ќе ги субвенционира авиокомпаниите кои ќе ги превезуваат луѓето од дијаспората во земјата, јавува Анадолу.
Два милиони евра ќе бидат издвоени од буџетот за спроведување на мерката „Поддршка на дијаспората“. Оваа сума е наменета за поддршка на авиокомпаниите до дестинации што ја опслужуваат дијаспората, објави косовската Влада.
Програмата за субвенционирање на авиокомпаниите ќе се однесува на летови до неколку европски земји и ќе биде условена од реализација на летови од повеќе од 85 проценти.
Косовските медиуми, кои добија документ испратен од Меѓународниот аеродром во Приштина до своите партнери, објавија дека авиокомпаниите ќе можат да користат државни субвенции од три до шест евра по патник.
Оваа субвенција ќе се однесува на авиокомпании што имаат летови до Швајцарија, Германија, Австрија, Турција, Белгија, Франција, Шведска, Финска, Норвешка и Данска.
За да станат дел од оваа програма, авиокомпаниите мора да ги достават своите распореди на летање до аеродромот, а субвенцијата ќе им биде исплатена по преглед и проверка на перформансите на крајот од летната авиосезона, на 24 октомври 2026 година.
Авиокомпаниите ќе се соочат со три критериуми врз основа на кои ќе можат да ја користат оваа владина поддршка од два милиони евра. Според првиот критериум, авиокомпанијата примена во оваа програма мора да реализира најмалку 85 проценти од своите планирани летови и ако го стори тоа ќе добие три евра поддршка за секој патник.
Вториот критериум - ако авиокомпанијата оперира повеќе летови од планираниот основен распоред, ќе биде компензирана со шест евра за секој дополнителен патник на летот. Но, за да се исполни овој услов, 80 проценти од седиштата во авионот мора да бидат пополнети за секој дополнителен лет.
И третиот критериум за поддршка ќе биде исполнет ако авиокомпанијата отвори линии до нови дестинации што претходно ги немала од аеродромот во Приштина и ако работи со капацитет од 80 проценти исполнетост од бројот на патници, а за секој од нив ќе биде компензирана со шест евра.
Во овој документ, исто така, се наведува дека во координација со релевантните институционални страни, започната е иницијатива за одржување и зголемување на воздушните врски на Косово со Европа.