Kemal Zorlak
10 Јули 2026•Ажурирано: 10 Јули 2026
„Ништо не знам за вас, а ви пишувам. Не знам ни каде сте, ни како сте. Не знам ни каква ви била судбината. Знам само едно – многу ми недостигате.“
Ова не се стихови од збирка поезија. Ова се зборови што Нермина Лакота од Сребреница со години им ги пишува на својот татко Суљо и братот Велид, убиени во геноцидот во Сребреница во јули 1995 година.
Нивните посмртни останки никогаш не ги пронашла. За Нермина, пишувањето стана единствениот начин да разговара со нив.
„Кога сите ќе заспијат, а јас не знам што да правам со себе, седнувам и пишувам. Им пишувам ним, пишувам за Сребреница, за мајките, за сите што ги изгубивме“, вели Нермина во разговор за Анадолу.
Повеќе од три децении по геноцидот, таа вели дека времето не донело олеснување.
„За мене 11 јули е секој ден. Веќе 31 година секој ден е 11 јули. Со тоа легнувам и со тоа се будам. Велат дека времето лекува. Не лекува. Човек само се учи да живее со тоа.“
Нејзиниот татко Суљо Делиќ имал 72 години кога последен пат бил виден по падот во Сребреница. Според сведоштвата, одбил да замине без својот син Велид. Оттогаш им се губи секоја трага.
Велид Делиќ имал 35 години. Бил полицаец и кошаркарски судија. Убиен е додека се обидувал да стигне низ шумата до слободна територија. Иако посмртните останки на другите мажи, кои биле убиени заедно со него, се пронајдени уште во 1997 година, неговите никогаш не се пронајдени.
Нермина вели дека со години ги посетувала институциите, разговарала со истражителите и се обидувала да дознае што им се случило на нејзиниот татко и брат.
„Сè уште се надевам. Но, некаде длабоко во себе, се плашам дека можеби никогаш нема да ги пронајдам.“
Посебно ѝ е тешко што нејзината мајка не дочекала достојно да ги погреба сопругот и синот. Починала во 2016 година. Нермина ѝ ја посветила песната „Чекање“, во која пишува:
„Го чекаше мајка синот,
во чекање се претвори целата...
Чекајќи еднаш заспа, сè уште не се разбуди.“
Денес продолжува да пишува. Секое ново писмо го завршува речиси со истите зборови: „Да ми се вратите барем во соништата, да ми помине пустата желба.“
Вели дека нејзина најголема желба е еден ден да објави збирка од песните што со години му ги пишувала на таткото, братот и на сите жртви на геноцидот во Сребреница.
- Геноцидот во Сребреница -
По неуспехот на одржувањето на „заштитената зона“ на Обединетите нации во Сребреница на 11 јули 1995 година, припадниците на Војската на Република Српска и нивните помагачи убија повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња.
Во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари досега се погребани 6.765 жртви на геноцидот, додека околу 250 жртви, според желбата на нивните семејства, се погребани во месните гробишта.
Сè уште се трага по повеќе од илјада жртви на геноцидот.
Меѓународниот суд на правдата во 2007 година пресуди дека припадниците на Војската на Република Српска во јули 1995 година извршиле геноцид во Сребреница.
Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина, како и правосудните органи на Србија и Хрватска, досега за геноцид и други воени злосторства осудија вкупно 54 лица на 781 година затвор и пет доживотни казни.
Меѓу осудените на доживотен затвор се поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, и воениот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ.