Mücahithan Avcıoğlu
10 Јули 2026•Ажурирано: 10 Јули 2026
Турција потпиша нови договори за сериско производство со водечките одбранбени компании „Аселсан“ и „Рокетсан“ за системите за противвоздушна одбрана „Хисар-А“ и „Хисар-О“, кои се дел од повеќеслојниот одбранбен систем „Челична купола“, соопшти денес шефот на Секретаријатот за одбранбена индустрија на Турција, јавува Анадолу.
Договорите се потпишани во согласност со одлуките усвоени од Извршниот комитет за одбранбена индустрија на Турција на 18 февруари, изјави секретарот за одбранбена индустрија, Халук Ѓорѓун, во соопштението објавено на турската социјална платформа НСосјал.
„Важен ден за одбраната на Сината татковина“, истакна Ѓорѓун, додавајќи дека Турција е решена да ја зајакне својата повеќеслојна архитектура за воздушна одбрана во рамките на визијата за „Челичната купола“ и своите обврски кон НАТО.
Ѓорѓун нагласи дека турската одбранбена индустрија развила екосистем од повеќе од 4.000 компании со капацитет да ги исполнат напредните одбранбени барања на земјата. „Секторот вработува околу 100.000 инженери и техничари, со просечна возраст под 34 години“, додаде тој.
„Секој домашен и национален проект спроведен под координација на нашето претседателство обезбедува ресурсите да останат во земјата, ја поддржува вработеноста и придонесува за зголемување на нашиот индустриски капацитет“, рече Горѓун.
„Аселсан“ одделно соопшти дека потпишале договор во вредност од околу 1,47 милијарди евра со Секретаријатот за одбранбена индустрија за дополнително производство во рамките на тековните програми за противвоздушна одбрана.
Компанијата во известувањето до Платформата за јавно обелоденување на Турција наведе дека се очекува договорот да има позитивно влијание врз нејзините приходи. Компанијата не обелодени временска рамка за испорака, ниту ги прецизираше системите опфатени со целиот договор.
Семејството системи „Хисар“ е развиено под координација на Секретаријатот за одбранбена индустрија преку соработка меѓу „Аселсан“ и „Рокетсан“, додека бојните глави за ракетите се развиени од турскиот Институт за одбранбени истражувања „Тубитак Саге“.
„Хисар-А“ е дизајниран првенствено за заштита на мобилните и оклопните единици од закани на мала височина, додека „Хисар-О“ обезбедува противвоздушна одбрана на средна височина за одредени локации и региони.
Системите се наменети за справување со закани како борбени авиони, хеликоптери, крстосувачки ракети, ракети воздух-земја и вооружени или невооружени дронови. Варијантата „Хисар-А+“ има дострел за пресретнување до 15 километри, додека „Хисар-О+“ може да гаѓа цели на растојание до 25 километри.
„Аселсан“, најголемата турска компанија за одбранбена електроника, развива технологии во областите како што се воздушна и ракетна одбрана, радари, електронско војување, воени комуникации, електрооптика и командно-контролни системи.