Mücahithan Avcıoğlu
10 Јули 2026•Ажурирано: 10 Јули 2026
Турската одбранбена компанија „Аселсан“ потпиша договор во вредност од приближно 1,47 милијарди евра со надлежната државна институција за одбранбена индустрија, со цел проширување на сериското производство на системи за противвоздушна одбрана, јавува Анадолу.
Договорот е потпишан со Секретаријатот за одбранбена индустрија на Турција, како додаток на тековните проекти за сериско производство, соопшти „Аселсан“ на турската Платформа за јавно обелоденување (КАП).
Извршниот директор на „Аселсан“, Ахмет Акјол, денес изјави дека договорот дополнително ќе ги зајакне капацитетите за сериско производство на турските системи за противвоздушна одбрана и ќе придонесе кон повеќеслојната архитектура за воздушна одбрана на земјата, позната како „Челична купола“.
„Продолжуваме да ја зајакнуваме ’Челичната купола‘“, напиша Акјол на турската социјална платформа НСосјал.
„Со поддршка од нашата држава, ќе продолжиме со производство во голем обем и ќе работиме решително за безбедноста на нашата земја“, додаде тој.
„Челичната купола“ е дизајнирана како „систем на системи“ способен да детектира, проценува и пресретнува воздушни закани на различни височини и дострели. Неговата слоевита архитектура вклучува системи наменети за справување со закани на ниска височина, како што се роеви од беспилотни летала и „скитачка муниција“, како и системите „ХИСАР“ во средниот слој и системот „Сипер“ во горниот слој.
Со влегувањето на долгометниот систем за противвоздушна одбрана „Сипер“ во вооружувањето на Турските вооружени сили, архитектурата на овој систем е комплетирана во сите нејзини слоеви.
„Челичната купола“ интегрира противвоздушни системи, радари, електрооптички сензори, комуникациски модули и командно-контролни центри во единствена мрежа. Оваа архитектура создава единствена воздушна слика, пренесува податоци до оперативните центри во реално време и користи системи со вештачка интелигенција за поддршка при донесувањето одлуки.
Во рамките на „Челичната купола“ можат интегрирано да работат системи како „Коркут“, „ХИСАР-А“, „Гокер“, „Гокберк“, „ХИСАР-О“ и „Сипер“, заедно со сензори способни за следење, идентификување и класификација на цели.
„Аселсан“ го испорачува и „Хаким“, командно-контролниот систем од повисоко ниво, одговорен за координирање на компонентите во рамките на архитектурата. „Хаким“, првиот домашно развиен систем за воздушна командна контрола во Турција, е наменет да обезбеди сензорите, оружјата и идните платформи за воздушна одбрана да работат координирано и целосно интегрирано.