Zylfije Adem Jakupi
03 Август 2024•Ажурирај: 04 Август 2024
ПРИШТИНА (АА) - Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово упати протестна нота до Северна Македонија, барајќи појаснување и истрага за инцидентот на аеродромот во Скопје, каде што во четвртокот навечер претседателката на Косово, откако не дозволи да и се земе нејзиниот телефон на проверка, била „физички оттурната од обезбедувањето“, пренесува Анадолу.
Како што се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово, претседателката Османи се соочила со „непримерен и незаконски третман од обезбедувањето на скопскиот аеродром.“
„Министерката Доника Гервала предаде протестна нота до властите во Северна Македонија, барајќи итно и целосно расчистување на овој инцидент. Истовремено, побарано е македонските власти веднаш да преземат мерки за истрага на овој случај и да обезбедат вакви настани да не се повторат во иднина“, се наведува во соопштението на Министерството.
Шефицата на косовската дипломатија Гервала веднаш по инцидентот се сретнала со амбасадорот на Северна Македонија во Косово за да побара појаснување за случајот.
„Исто така, министерката Гервала денес во МНР оствари средба со вицепремиерот на Северна Македонија, Арбен Фетаи, со кого разговараше за инцидентот и потребата од преземање брзи институционални дејства. Во рамки на преземените дејства, министерката Гервала попладнево прими телефонски повик од нејзиниот колега, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, во кој е изразена загриженоста на косовските институции по вчерашниот инцидент“, се наведува во соопштението.
Претседателството на Република Косово денеска излезе со соопштение за јавноста во кое изразува огорченост од „неприфатливите изјави на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија“.
„Намесо извинување, Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија вчера и денеска во целост го оправда барањето на аеродромското обезбедување да го земе и да го стави на скенерот личниот телефон на претседателката на Република Косово, кој таа го користи за државна службена комуникација за прашања од националната безбедност. Претседателката со право одби такво нешто, врз основа на советите кои со години ги добива од безбедносните институции. Имено, денеска Аеродромот Скопје, како и самото Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија, признаа дека наредбата за таква контрола ја дало Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, што е целосно спротивно на правилата за постапување со шефовите на држави според дипломатската практика,“ се наведува во соопштението на косовското Претседателство.