Zülfiya Yakup
28 Јуни 2017•Ажурирај: 29 Јуни 2017
ПРИШТИНА (АА) - Според најновиот извештај на Стејт департментот на САД за трговија со луѓе, Косово и оваа година е рангирана меѓу земјите кои целосно не ги исполнуваат ни минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе. Во извештајот, исто така, се вели дека Косово има направено големи напори за да ја промени ситуацијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Косовскиот министер за внатрешни работи, Скендер Хисени, по тој повод на прес-конференција рече дека со овој извештај се признава големата работа што ја направија косовските институции во врска со ова прашање. Тој рече дека се откриени многу места каде што се тргувало со жени и се развивала проституцијата како што се наводните центри за масажа, и дека се уапсени голем број лица кои ангажираат деца да просат на улиците.
„Иако Косово во вчерашното објавување на извештајот на американскиот Стејт департмент сѐ уште е во истата позиција во „категорија 2“, каде што се класифицирани и многу други земји, меѓу кои и многу земји на Европската Унија, во Косово се зголемија напорите, и тоа се признава во Извештајот. Се вреднува големиот труд што го вложи Министерството за внатрешни работи, а се разбира, се бара да се работи повеќе во фазите на обвинителството и судовите“, изјави Хисени.
Според него, од судовите и обвинителите се бараат повеќе гонења во посебни случаи, кога се идентификувани криминалците кои се занимаваат со трговија со луѓе, со цел тие да добијат заслужената казна.
„Во извештајот на американскиот Стејт департмент се потврдени девет препораки. Јас ја изразувам мојата целосна согласност со секоја од нив и сакам да ја изразам посветеноста на Министерството за внатрешни работи и на надлежните одделенија максимално да се работи за овие препораки правилно да се третираат и одговорот да биде соодветен“, изјави министерот.
Во извештајот се истакнува дека Владата на Косово, во споредба со претходниот период, идентификувла повеќе жртви и дека казнила повеќе трговци со луѓе.
Сепак, се нагласува дека изречените казни се благи. Косово како и во претходните пет години, сѐ уште е извор и дестинација за мажи, жени и деца, кои се изложени на трговија со луѓе и присилна работа. Жртвите се главно ангажирани со лажни ветувања за брак или за работа во ноќни клубови и ресторани.